Кој нон-пејпер ќе го одреди новиот пат кон ЕУ?

Објавено:

Кој од предлозите за новиот модел на постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ ќе биде прифатен, сè уште не е јасно, вели австрискиот амбасадор Мартин Памер, во пресрет на 30 септември, кога се очекуваат нови чекори на Европската комисија за процесот на проширување.

На денешниот настан во Скопје, со кој Австрија го презема претседавањето со иницијативата „Славков 3“, австрискиот амбасадор Мартин Памер беше прашан кој од нон-пејперите за иднината на проширувањето „ќе победи“ на 30 септември.

„Ова сè уште не е целосно јасно. Сè уште трае процесот на дискусија за различните документи“, одговори Памер.

Во мај годинава, Австрија, Чешка, Италија, Словачка и Словенија предложија систематска секторска интеграција на земјите од Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ. Предлогот предвидува постепено отворање на конкретни сектори за земјите кандидати, паралелно со исполнувањето на условите и усогласувањето со европските правила.

Претходно, Франција и Германија предложија поширок модел на постепена интеграција, со кој кандидатите би можеле постепено да добиваат пристап до делови од единствениот пазар, европските програми и одредени институционални механизми уште пред полноправното членство. Двете земји нагласуваат дека таквиот модел не треба да го замени полноправното членство, туку да го забрза патот до него.

Токму постепената интеграција е веќе дел од пристапот на ЕУ кон Западен Балкан. Европската комисија преку Планот за раст предвидува земјите од регионот постепено да добиваат дел од придобивките од единствениот пазар пред полноправното членство, во замена за спроведување реформи.

Памер: На 27 септември во Виена ќе се разговара за проширувањето

Австрискиот амбасадор најави дека на 27 септември во Виена ќе се одржи министерска конференција на земјите од Западен Балкан и Славков 3, на која ќе се разговара за напредокот и иднината на процесот на проширување.

„Она што е позитивно е дека постои внимание за процесот на проширување, дека имаме напредок. Сега зборуваме за конкретни датуми кога Црна Гора ќе се приклучи кон Европската Унија“, рече Памер.

Во однос на Северна Македонија, тој го издвои Планот за раст, оценувајќи дека земјата постигнала напредок во неговата реализација.

„Северна Македонија заврши одлична работа кога станува збор за Планот за раст за Западен Балкан. Затоа, повеќе од 140 милиони евра ќе ѝ бидат дадени на земјата и ќе придонесат за понатамошен напредок“, рече Памер.

Европската комисија официјално наведува дека Северна Македонија е меѓу земјите од Западен Балкан што добиваат средства преку Reform and Growth Facility, при што исплатите се условени со спроведување на договорените реформи.

Славков 3: Поддршка за Македонија преку конкретни проекти

Памер посочи дека поддршката на Австрија, Чешка и Словачка за европската интеграција на Северна Македонија не е само политичка.

„Во Брисел меѓу земјите членки на Европската Унија, имате сериозна поддршка од нас, земјите кои сме дел од иницијативата „Славков 3“ (Австрија, Чешка и Словачка), како и во иницијативата „Пријателите на Западен Балкан“. Сите се еднакво вклучени во поддршката на Северна Македонија и се најгласните кога треба да се поттикне, да се притисне за да се одржи агендата за проширување, во ситуација кога има многу кризи во светот, и сметаме дека е важно земјите од регионот, особено Северна Македонија да имаат некој кој ќе го поддржи интегративниот процес“, изјави амбасадорот Памер.

Тој истакна дека преку нивната иницијатива „Славков 3“ три се менаџираат проети и иницијативи кои влијаат врз подобрувањето на животот во земјва.

„Го поддржуваме процесот на проширување преку конкретни иницијативи, како Планот за раст, постепената интеграција и конкретни мерки кои треба да им помогнат и да ги поддржат луѓето“, рече тој.

Како пример ја посочи соработката во одржливиот туризам, каде што трите земји се ангажирани во конкретни проекти во Северна Македонија, изградба и реконструкција на планинарски патеки на Водно, Титов Врв на Шар Планина и Пелистер. Преку овие проекти споделуваат дел од своето искуство со планински туризам.

„Вашата земја има многу сличности со нашите три држави, слични географски карактеристики, имаме убави планини и езера и сакаме да го поддржиме овој развој, наидовме на некои проблеми, но тоа не не спречи да продолжиме и да помагаме “, рече Памер.

Станува збор за  45 од вкупно 112 столбови на планинарската патека Попова Шапка – Титов Врв кои беа уништени, оштетени или отстранети од вандали. Се работи за столбови поставени со цел обележување на патеки за зимскиот период, а во рамки на проектот „Славков – Маркација на планинарски патеки во С. Македонија  Вандализмот доаѓа нецел месец откако заврши маркацијата што траеше од ноември 2025 до крајот на јули 2026 г.

„Ако го паметите инцидентот со бугарскиот турист кој се загуби планинарејќи на Шар планина, тој се загуби токму поради маркацијата која беше уништена (која недостасуваше во моментот – затоа што некој ја тргнал) Тој наместо да продолжи по патеката за симнување кон Попова Шапка, ја избрал патеката кон Лешница која што е патека во сосема друг правец на планината“, објасни проект координаторот Алекснадар Богатинов, кој потпиша нов договор со амбасадорот Палмер за продолжување со маркација и на други планини низ земјава.

Богатинов укажа дека овој проект не е само едноставна маркација, служи и за да го научи локалното население дека може да развива и да заработува од зимскиот туризам, да заработува од агротуризам, и од продажба на локални производи. Досега се спроведени проекти за обележување на планинарски патеки на Водно, Пелистер и Шар Планина.

Иницијативата „Славков 3“ ја сочинуваат Австрија, Чешка и Словачка, а соработката е воспоставена во 2015 година со цел трите земји да ги координираат заедничките интереси во ЕУ и да соработуваат на конкретни теми.

Последни објави