Над 741 илјади туристи ја посетиле Македонија за седум месеци

Објавено:

Македонија во првите седум месеци од годинава ја посетиле 741.446 туристи, што е за 1,5 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Растот е забележан и кај странските гости, чиј број е зголемен за 1,3 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Од јануари до јули годинава во земјата биле регистрирани 523.751 странски туристи, наспроти 517.041 во истиот период во 2025 година. Домашните туристи биле 217.695, што е раст од 1,8 отсто.

Во истиот период се остварени 1.760.335 ноќевања, што е раст од 0,5 отсто во однос на првите седум месеци од минатата година.

Меѓу странските туристи во Македонија и натаму доминираат гостите од Турција, а меѓу позначајните пазари се и Германија, Србија, Романија и Албанија.

Само во јули, Македонија ја посетиле 223.711 туристи, што е 6,6 отсто повеќе од истиот месец лани.

Јулските податоци покажуваат и значително зголемување на странските ноќевања.

Податоците за туристичкиот раст се објавени по повод 27 Септември – Светскиот ден на туризмот. Овогодишната тема на Светскиот ден на туризмот, утврдена од „UN Tourism“, е „Дигиталната агенда и вештачката интелигенција за редизајнирање на туризмот“. Фокусот е ставен на сè поголемата улога на технологијата и иновациите во туристичкиот сектор, но и на зачувувањето на автентичното туристичко искуство.

Министерството за култура и туризам посочува дека вештачката интелигенција и дигитализацијата отвораат можности за поефикасно управување со туристичките дестинации, подобро планирање и создавање поперсонализирани и поквалитетни туристички искуства.

Како приоритети се издвојуваат вреднувањето и промоцијата на културното и природното наследство, развојот на квалитетни и одржливи туристички производи и услуги и примената на современи дигитални решенија.