Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) при набавката на евакуациски летови за македонски државјани од Дубаи и Ријад исплатило речиси еден милион евра авансно, над законски дозволениот лимит од 20 отсто, објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), во истражување за јавните набавки на институциите.
Евакуацијата на македонските граѓани беше спроведена во март годинава, од подрачјата погодени од воениот конфликт меѓу САД и Иран.
Според истражувањето на ЦГК, постапките биле проследени со низа неправилности. Во првата постапка, отпочната на 4 март годинава, биле побарани понуди од девет фирми за кои, како што се наведува во анализата на ЦГК, не постојат јасни критериуми врз основа на кои МНР ги избрало со оглед на тоа што ниедна од нив немала тековен договор за обезбедување авионски услуги со некоја државна институција.
„Освен тоа, не е јасно зошто во листата на фирми од кои биле побарани понуди не се нашле најрелевантните оператори за кризното подрачје – ‘ФлајДубаи’ и ‘ФлајНас’“, пишува во истражувањето на ЦГК.
МНР ги контактирало Аеронаутичкиот регионален центар Скопје, „Туркиш ерлајнс“, „Кроација ерлајнс“, „Визер“, ДПТУ „Нова Травел-МС“ ДОО Струмица, „Аурора турс“ Скопје, „Пегасус ерлајнс“, ТА „Кондор“ Скопје и ТА „Папилон“ Скопје. Во дадениот краток рок, ниедна од компаниите не доставила понуда до Министерството.
МНР ја поништило постапката и истиот ден, на 5 март, започнало нова. Во втората постапка, барањето да достави понуда било испратено само до една фирма – „Авиалог“ Скопје. Како доказ за поврзаноста на „Авиалог“ и ‘ФлајДубаи’, како што додаваат од ЦГК, од страна на МНР е доставена картичка за ангажман во ‘ФлајДубаи’ која му припаѓа на основачот на ‘Авиалог’, но која не докажува деловна или правна поврзаност меѓу двете компании.
„Фирмата доставува понуда следниот ден, на 6 март во 14 часот, по што во истиот ден следувале преговори, склучување договор, издавање фактура со датуми за првите 2 лета и плаќање на фактурата од страна на МНР. Понудата на ‘Авиалог’ го нуди тоа што го бара МНР речиси идеално вклопувајќи се во проценетата вредност од 60 милиони денари (975 610 евра). Понудата на ‘Авиалог’ е пониска за само 200 000 денари (3 250 евра). Цената на превозот по авион изнесувала 211 000 евра по лет за изнајмениот авион од ‘ФлајДубаи’, модел Boeing 738-MAX, и 260 000 евра за авионот на ‘ФлајНас’ со модел Airbus 320, со вклучено ноќевање и автобуски превоз“, се наведува во анализата на Центарот за граѓански комуникации.
Се додава дека провизијата која ја добила фирмата не е јавно достапна, бидејќи МНР отстапило од вообичаениот концепт на договори за јавна набавка на авионски карти и изнајмување авион.
Целосно завршена евакуацијата на сите пријавени македонски граѓани од погодените земји на Блискиот Исток
Од ЦГК укажуваат и дека во склучениот договор на МНР со „Авиалог“ било предвидено авансно плаќање на услугите, што, како што се посочува, е спротивно на условите во тендерската документација, како и на Законот за јавни набавки, кој предвидува дека максималниот износ на авансот може да изнесува до 20 отсто од вредноста на договорот.
МНР ги отфрли наводите – постапката била спроведена врз основа на одлуки на Владата и согласно законите, со цел граѓаните безбедно и навреме да бидат извлечени од кризното подрачје. Од Министерството реагираат дека во анализата не е земено предвид дека евакуацијата се спроведувала во услови на воен конфликт и сериозна безбедносна закана за македонските граѓани во регионот.
Оттаму објаснуваат дека прво биле испратени покани до девет компании, но ниту една не доставила понуда. Потоа, по информација од Амбасадата во Абу Даби дека авиокомпанијата „Флај Дубаи“ може да обезбеди летови, била почната постапка со единствениот достапен оператор.
Министерството тврди дека изборот на авиопревозникот бил направен врз основа на информации од дипломатските претставништва, откако биле исцрпени другите можности. Ги отфрла и обвинувањата за авансното плаќање, наведувајќи дека тоа било услов поставен од авиопревозниците поради кризата.
„Особено неодговорно е што без докази се пласираат сомнежи за корупција или местење на постапката. Таквите конструкции не се поткрепени со ниту еден факт, документ или доказ“, соопшти МНР.
Тие додаваат и дека се подготвени да ги отворат сите детали од постапката за проверка.
Евакуација на македонски граѓани од Блискиот Исток следуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп на 28 февруари соопшти дека Вашингтон почнал „големи борбени операции“ против Иран, во координација со израелските сили. Нападите во Техеран беа насочени кон највисоките нивоа на раководството на Исламската Република. Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен во американските и израелските воздушни напади.
Од друга страна, пак, Иран испука стотици ракети и беспилотни летала насочени кон американските воени бази, како и клучни енергетски и комерцијални локации во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Бахреин и Катар – сите американски сојузници.


