Русија отвори нов фронт во својата кампања против Украина, напаѓајќи неколку центри за податоци и интернет-провајдери во Киев оваа недела, во очигледен обид да ја ослаби дигиталната инфраструктура на економијата, објави британски Гардијан денеска.
Околу 100.000 домаќинства во Киев и околниот регион останаа привремено без интернет по нападите во средата и четвртокот, соопшти украинското Министерство за дигитална трансформација.
Во петокот, уште еден напад со дрон во центарот на Киев ги погоди канцелариите на Datagroup, една од најголемите телекомуникациски компании во Украина, при што загинале четири лица.
Во четвртокот, полските власти соопштија дека сателитска станица на Starlink во централна Полска, која обезбедува услуги за Украина, била запалена, што изгледало како дел од координиран напад врз интернет-инфраструктурата на Украина. Локалните власти го опишаа инцидентот како „чин на саботажа“ поврзан со Москва.
Претседателот, Володимир Зеленски вели дека Русија ги проширила своите напади и сега ги таргетира центрите за податоци и интернет-провајдерите во Украина, со цел да предизвика што е можно поголеми нарушувања за обичните граѓани – пишува британскиот јавен радиодифузен сервис Би-Би-Си.
„Сето ова влијае врз способноста на луѓето да останат поврзани, да учат и да работат“, рече тој.
Русија потврди дека таргетирала локација на центар за податоци, наведувајќи дека таа била користена од украинската воена разузнавачка служба.


