Се одбележува 31 – годишнината од геноцидот во Сребреница

Објавено:

Посмртните останки на десет новоидентификувани жртви на геноцидот извршен од страна на Армијата на Република Српска во јули 1995 година по падот на тогашната заштитена зона на Обединетите нации беа погребани во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари.

Комеморацијата и колективниот погреб ја одбележаа 31-годишината од ова злосторство на европско тло по Втората светска војна, во кое беа убиени повеќе од 8.300 бошњачки мажи и момчиња.

Најмладата жртва погребана во Поточари оваа година беше Сенад Јусиќ, кој имаше 20 години кога беше убиен, додека најстарата жртва беше Рамо Даутовиќ, кој имаше 56 години во времето на смртта.

Нивните останки беа пронајдени години по војната во масовни гробници.

Потпретседателката на Здружението на мајки од енклавите Сребреница и Жепа, Када Хотиќ, изјави дека семејствата веќе три децении ја бараат вистината и останките на своите најблиски.

Во Меморијалниот центар досега се погребани 6.782 жртви на геноцидот. Околу 250 од убиените се погребани на други локации според желбите на нивните семејства, додека сè уште се бараат повеќе од 1.000 исчезнати лица.

Меѓународната комисија за исчезнати лица (МКИЛ) предупреди дека потрагата по преостанатите исчезнати лица мора да продолжи за да можат семејствата да добијат одговори, а фактите да останат документирани.

Меѓународниот суд на правдата (МСП) во 2007 година пресуди дека злосторствата извршени во Сребреница претставуваат геноцид.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Судот на Босна и Херцеговина осудија десетици лица за геноцид и други воени злосторства поврзани со Сребреница и околните области во источна Босна.