Американската администрација предложи нови царини од 10 до 12,5 проценти за увоз на производи од 60 економии, оценувајќи дека тие не преземаат доволно мерки за спречување на трговијата со стоки произведени со присилна работа, со што и нанесуваат штета на американската економија. Во извештајот објавен на 3 јуни од американската Агенција за трговија се вели дека Канада, Мексико, Тајван и Обединетото Кралство и некои други земји и територии ќе се соочат со дополнителни тарифи од 10% поради наводно неспроведување на забраната за увоз на принудна работа.
Меѓу погодените се и Европската Унија, Велика Британија, Турција, Пакистан, Бангладеш, Камбоџа и други значајни трговски партнери на САД. Македонија не е спомената меѓу земјите опфатени со новите мерки.
Од Канцеларијата на американскиот трговски претставник соопштија дека новите царини имаат цел да ги заштитат американските работници од, како што наведуваат, нелојална конкуренција од производители кои користат евтина или присилна работна сила.
„Неуспехот на нашите најважни трговски партнери да се справат со увозот на стоки направени со принудна работа е неприфатлив. Ова создава динамика каде што американските работници се принудени да се натпреваруваат глобално на нерамноправни услови за игра“, изјавил американскиот претставник за трговија, Џејмисон Грир, е наведено во соопштението до медиумите.
„Овие истраги ќе утврдат дали странските влади презеле доволно мерки за да го забранат увозот на стоки произведени со присилна работа и како неуспехот да се искоренат овие одвратни практики влијае врз американските работници и компании“, додаде Грир.
Исто така, предложен е и посебен механизам за текстилната индустрија, кој би овозможил одредено количество увезена облека и текстил да влегува во САД со намалена царинска стапка, иако конкретните царини и количини засега не се објавени.
Иако мерките директно не се однесуваат на Македонија, тие би можеле индиректно да влијаат врз европските компании кои имаат производство во земјава, а што извезуваат на американскиот пазар. Дел од македонските фабрики работат како добавувачи на компании од Европската Унија, особено во автомобилската и текстилната индустрија, па секое зголемување на трговските бариери меѓу САД и европските економии може да се одрази и врз синџирите на снабдување во регионот.
Претходно, Европската Унија одобри договор за царини со Соединетите Американски Држави за ограничување на царините за повеќето извозни производи од ЕУ на 15%, по интензивните дебати меѓу 27-те земји на ЕУ и заканите од европските пратеници дека ќе го блокираат договорот. Дополнително минатата недела Трамп се врати од посетата на Кина, каде што тој и нејзиниот лидер Си Џинпинг разговараа за проширување на пристапот до пазарот за американските бизниси во Кина и зголемување на кинеските инвестиции во американските индустрии. Двајцата лидери се согласија да формираат посебни одбори за трговија и инвестиции – иако беа соопштени малку детали во јавноста
Новите царини се дел од пошироката трговска политика на Вашингтон, кој во последните месеци отвори повеќе истраги за трговските практики на своите партнери и најавува дополнителни мерки кон земји за кои смета дека создаваат нелојални услови на глобалниот пазар. Американските власти го доставија предлогот за покачување на царините на јавна дебата со рок до 6 јули, по што ќе донесат конечна одлука за неговото стапување во сила.


