МВР казнуваше мотоциклисти и возачи на тротинети во Кочани и во Виница

Објавено:

Министерството за внатрешни работи (МВР) спроведе акциска контрола во Кочани и во Виница, при што за пет часа (од 17 до 22 часот) изрече вкупно 59 санкции за прекршоци сторени од возачи на мотоцикли и лесни електрични возила – тротинети.

Контролата беше спроведена вчера.

МВР соопшти дека најголем дел од прекршоците се однесуваат на управување мотоцикл без заштитна кацига, при што биле санкционирани 34 возачи. Евидентирана е и една санкција за возач на електричен тротинет, три за управување без соодветна возачка категорија, една за возење под дејство на алкохол, една за истечена регистрација, една за истечена полиса за задолжително осигурување, две за други прекршоци на мотоциклисти и уште 16 за останати сообраќајни прекршоци.

За време на контролата биле откриени и три кривични дела. Од слобода биле лишени три лица, меѓу кои и еден малолетник, поради сомнение дека сториле кривично дело „управување моторно возило без возачка дозвола“.

Во акцијата биле одземени и три мотоцикли.

На 14 јули стапија на сила новите одредби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со што беа воведени построги правила за лицата што управуваат со електрични тротинети. Тие предвидуваат повисока старосна граница за возење лесни електрични возила, вклучително и тротинети. Досега беше дозволено нив да ги возат лица со наполнети 14 година, а сега се подигна границата на 18 годишна возраст. Со други зборови, се забранува малолетници да возат електрични тротинети.

Се намали и дозволената максимална брзина со која може да се вози тротинет по велосипедска патека – од 25 на 20 километри на час.

Воведувањето построги регулативи за возење тротинети следуваа по низата сообраќајќи и апели што ги упатија сообраќајните експерти изминатиот период.

Анализите на МВР, како што беше соопштено, покажале дека најголем број сообраќајни несреќи со тротинети се случуваат кај лица до 17-18 години.