Алмир Даути ќе раководи со ЈП „Комуналец“ од Гостивар како вршител на должност, откако на претходната директорка ѝ беше одреден 30 дневен притвор како осомничена за дејства кои предизвикале загадување на водата во градскиот водовод по што беше прогласена епидемија која уште трае.
„Претходно имав средба со раководителите на секторите во „Комуналец“ и им предложив да одредат еден од нив и да ја врши административно оваа функција наредниве два месеци. Ова претпријатие врши и други дејности и неопходно е да има човек што ќе ја врши функцијата“, рече градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани.
Алмир Даути (49) е дипломиран економист кој во ЈП Комуналец работи над 15 години, а последниве седум раководи со одделението за комерција.
Според јавното обвинителство, Арта Асани, директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар и раководителите Леон Уредини и Вадедин Дервиши им дале наредби на вработени да постават потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење, за да го тестираат притисокот на водата во градскиот водовод, што придонело водата да се загади и во градот беше прогласена епидемија.
Обвинителството ги товари Асани, Уредини и Дервиши за кривично дело „тешки дела против животната средина и природата“ за кое казната е од четири до максимални 20 години затвор.



