Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека учениците во прва година од средните училишта во Скопје за првпат ќе добијат бесплатни униформи, за да се намалат социјалните разлики кои неретко стануваат причина за поделби, дискриминација, па дури и булинг.
„Затоа воведуваме мерка со која создаваме порамноправна, побезбедна и попријатна средина за сите ученици. Униформите ќе придонесат и за воспоставување еднаков и достоинствен кодекс на облекување, практика која со години се применува во голем број современи образовни системи. Со низа конкретни мерки го претвораме училиштето во вистинска основа за знаење, успех и иден кариерен напредок. Во средина во која секое дете ќе се чувствува прифатено, почитувано и еднакво, без разлика на економскиот статус на неговото семејство. Затоа што вредноста на еден ученик не се мери според облеката што ја носи, туку според знаењето, карактерот и соништата што ги гради“, напиша Ѓорѓиевски на мрежата Фејсбук.
Неколку средни училишта во Скопје и досега имаа униформи, но финансискиот товар за нив беше на родителите на учениците.
Во јуни и во јули завршија првиот и вториот уписен рок за средните училишта. По третиот уписен рок за преостанатите слободни места, ќе биде познато колку ученици ќе се запишат во средно образование во учебната 2026/2027 година.



