Европскиот совет ја одобри осмата редовна исплата во рамки на Инструментот на ЕУ за Украина во висина од речиси три милијарди евра, со што вкупната поддршка преку овој механизам од средината на 2024 година ќе надмине 32 милијарди евра, објавено е на веб-страницата на Европската Унија.
Средствата од Инструментот за Украина се наменети за зајакнување на макрофинансиската стабилност, обновата и модернизацијата на земјата, одржување на работата на јавната администрација и поддршка на реформските напори.
Во рамките на оваа исплата, 800 милиони евра за првпат се обезбедуваат преку заемот за поддршка на Украина.
Одобрената исплата е резултат на тоа што Украина успешно исполни десет планирани чекори, односно вкупно 84 од досега предвидените 95 во Планот за Украина, што претставува реализација од приближно 88 отсто.
Советот денеска го измени Планот за Украина за да го вклучи и доброволниот финансиски придонес на Норвешка од една милијарда норвешки круни (околу 92 милиони евра) во форма на неповратна помош. Со ова, Норвешка стана првата земја надвор од Унијата што придонесе во Првиот столб на овој инструмент (Поддршка за Украина преку Планот за Украина).
Овој инструмент стапи во сила на 1 март 2024 година и предвидува повеќе од 50 милијарди евра во грантови и заеми за поддршка на обновата, реконструкцијата и модернизацијата на Украина до 2027 година.


