ВИДЕО: Се испразни салата во ОН за говорот на Нетанјаху, тој возврати со „кукавици“

Објавено:

Десетици дипломати и делегати демонстративно ја напуштија салата каде се одржува Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк во моментот кога на говорница излезе израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Нетанјаху веднаш ги нарече дипломатите кои излегоа од салата „морални кукавици“, истакнувајќи дека Израел всушност штити многу од земјите чии делегати одбиле да го слушаат неговото обраќање.

На ваквиот развој на настаните претходеше повик од палестинската делегација, која во писмо предложи и други мисии да се приклучат во напуштањето на салата.

Додека делегати и дипломати ја напуштаа салата, тимот и поддржувачите на Нетанјаху му аплаудираа.

Протест имаше и пред зградата на ОН во Њујорк.

Револтот против Нетанјаху и Израел е поради војната во Газа, за што го обвинуваат израелскиот премиер дека врши и геноцид.

„Израел се брани“, нагласи тој во говорот и праша која држава што врши геноцид испраќа тони хуманитарна помош и милиони вакцини против детска парализа.

Нетанјаху додаде дека Израел води војна на седум фронта, но дека постои и осми фронт — низа држави кои издвојуваат милијарди долари за кампања на дезинформации против Израел.