Баритонот Ристе Велков и неговиот син Адам се меѓу жртвите во сообраќајната несреќа на обиколницата

Објавено:

Првенецот на Националната опера и балет, баритонот Ристе Велков и неговиот 20-годишен син, Адам се меѓу четворицата загинати во сообраќајната несреќа која вчеравечер се случи на скопската обиколница. Информацијата ја потврдија и од институцијата, пренесе порталот Сакам да кажам.

Во несреќата загинаа уште две дваесетгодишни момчиња – Марко Ѓорѓиевски и Петар Миланов, другари на Адам.

До сообраќајната несреќа дошло кога 76-годишен возач од Косово со иницијали Б.Б. управувајќи товарно возило – влекач „ман“ со полуприколка со косовски национални ознаки, изгубил контрола над возилото преминувајќи преку металната ограда во спротивната насока на автопатот при што се судрил со патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од сега загинатиот, Ристе Велков.

Од сударот настанал пожар во двете возила од кој патничкото возило и кабината на влекачот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје.

По наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција. По наредба на јавен обвинител возачот Б. Б. е лишен од слобода и задржан во полициска станица.

По информацијата за трагедијата, од Националната опера и балет се огласија преку писмено соопштение во кое меѓу другото, се наведува дека „македонската оперска сцена изгуби исклучителен уметник, врвен интерпретатор и човек, чиј глас, уметност и сценско присуство оставија длабока трага во Македонската опера и балет и во македонската музичка култура“.

Со неизмерна тага и неверување ја примивме веста за трагичната смрт на првенецот на Македонската опера и балет, баритонот Ристе Велков, кој го загуби животот во сообраќајна несреќа. Ристе Велков беше еден од водечките македонски баритони и еден од најхаризматичните оперски солисти – додаваат од НОБ.

Ристе Велков е роден во 1975 година во Скопје. Како реномиран солист – првенец на Македонската опера и балет, тој претежно настапува во белканто продукции добивајќи го епитетот „италијански баритон со кадифена боја“.

Дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Во текот на кариерата соработувал со реномирани вокални педагози од Македонија, Италија, Бугарија и Романија.

Како реномиран солист–првенец на Националната опера и балет, тој претежно настапувал во белканто продукции, со што го заслужува и оправдува епитетот италијански баритон со кадифена боја. Во текот на неговата кариера, Велков има реализирано 26 улоги. Во неговиот репертоар има остварено повеќе од 15 водечки улоги во опери како „Набуко“, „Риголето“, „Магбет“, „Травијата“.