Министрите за надворешни работи на Бугарија и Република Северна Македонија, Велислава Петрова-Чамова и Тимчо Муцунски, ќе имаат можност да одржат билатерална средба во Софија во четврток, јавува бугарската новинска агенција БГнес.
Од бугарското Министерство за наворешни работи за бугарската новинска агенција БТА потврдиле дека шефовите на дипломатиите на двете земји ќе се сретнат на маргините на меѓународна министерска конференција за Коридорот 8 во Софија.
„Форумот, на кој ќе присуствува и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Тимчо Муцунски – ќе овозможи одржување билатерална средба како дел од тековниот дијалог меѓу двете земји, велат од МНР на Бугарија.
На 8 октомври Софија ќе биде домаќин на меѓународна министерска конференција посветена на Коридорот 8. Денеска македонскиот премиер Христијан Мицкоски, изјави дека Скопје испрати до Софија со барање за билатерална средба, но сè уште немаат добиено одговор.
Иницијативата за ова барање следуваше по средбата на премиерот Христијан Мицкоски со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во Скопје. Претходно, бугарската потпретседателка Илијана Јотова, коментирајќи го барањето испратено од македонските власти за билатерална средба, изјави дека патот на Република Северна Македонија кон Европската Унија не оди преку ултиматуми и ветувања и дека е потребен искрен дијалог.
Северна Македонија има статус на кандидат за членка на ЕУ од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ доби вето од Бугарија кое е условено со уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.
Позицијата на актуелната влада е дека нема да се впушти во процес на донесување на уставните измени со кои се бара внесување на бугарското малцинство во Уставот, се додека не се добијат гаранции дека нема да има нови билатерални условувања од бугарска страна.


