Вкупно 38 случаи на западнонилска треска се регистрирани заклучно со 18 август – 36 се потврдени и два веројатни, од кои 37 во скопскиот регион, а еден од Велес.
Досега биле регистрирани четири смртни случаи со невроинвазивна форма на болеста. Станува збор за машки лица на возраст од 62 до 83 години од Скопје, кои биле хоспитализирани во Клиниката за инфективни болети во Скопје, соопштија на денешната прес-конференција во Министерството за здравство.
Од регистрираните случаи 28 се машки, а 10 се женски.
По прогласувањето епидемија на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел, се преземаат мерки за контрола на комарците, соопштија здравствените власти.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат – ДСЗИ спровел контрола на активности за дезинсекција во сите општини. Продолжуваат систематските и вонредните активности за дезинсекција на територијата на Град Скопје и општините Гази Баба, Кисела Вода (населбата Драчево), Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопиште, Чучер Сандево и Велес.
„Мислам дека правиме максимум што можеме. Одговорно тврдам дека сите мерки се преземале, преземаат и ќе се преземаат понатаму“, рече министерот за здравство Сашо Клековски.
Со цел граѓаните од засегнатите подрачја навремено да добијат совети за лична заштита од убоди на комарци, во тек е масовна СМС-кампања за информирање на населението. Кампањата опфаќа испраќање на вкупно околу 38.500 пораки до граѓаните во засегнатите општини. Надлежните апелираат до граѓаните да се спроведуваат и почитуваат дадените препораки.
„Отстранете стоечка вода од дворот (тацни од саксии, стари гуми, канти) и редовно чистете ги олуците. Поставете заштитни мрежи на прозорци и врати. Избегнувајте престој надвор во зори и самрак, кога комарците се најактивни. Носете облека со долги ракави и панталони и користете средства што ги одбиваат инсектите. При појава на симптоми – висока температура, главоболка, вкочанетост на вратот и слично, веднаш побарајте лекарска помош и известете го докторот за евентуален престој во засегнатите подрачја“, се советите од надлежните.
Од Министерството за здравство потенцираа дека ќе продолжат редовно да ја информираат јавноста за епидемиолошката состојба и за преземените превентивни активности.


