На 29 септември во Велес ќе се одржи јавна расправа за регионалниот Нацрт-просторен план до 2040 година, каде што фокусот се очекува да биде насочен кон предлог- рударски локации. Тензијата околу стратешкиот регионален документ се подигна по првата јавна расправа во Струмица, каде што граѓанските и еколошките организации излегоа со барање од планот целосно да се избришат рударските проекти „Иловица-Штука“ и „Казандол“.
За оваа тема став имаше и европратеникот Томас Вајс кој на седницата на Мешовитиот парламентарен комитет на 25 септември изјави дека суровини се потребни, но мора да се внимава на влијанието врз животната средина.
„Знам дека отворате рудници, и рударството е дел од реалноста, ни требаат суровини, имаме телефони, техника… но апелирам добро да размислите што ќе добиете, а што ќе изгубите. Во рударството парите не се во копањето, туку во преработката, во производтсвото. Рударските фирми се големи, мултинационални компании, колку пари ќе останат овде, а која цена ќе ја плати замјата за тоа?“, предупреди европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот Парламент.
Претходно расправа во Струмица помина во тензична атмосфера поради предвидените локации за ископи на минерални суровини. Претставниците на Министерството за животна средина и просторно планирање и Агенцијата за просторно планирање на дебатата нагласија дека стратешкиот документ не претставува автоматска дозвола за отворање рудник, туку ги рефлектира децениските истражувања.
Активистите од „Здрава котлина“ и други иницијативи предупредија дека планираните пет локации за металични минерални суровини директно го загрозуваат земјоделството, водните ресурси и идниот развој на Струмичкиот Регион. Посебно беше отворено прашањето зошто Казандол повторно се појавува во плански документ со важност до 2040 година, иако концесијата за овој проект беше раскината уште во 2018 година.
Дебатата доби политичка димензија, кога опозициската СДСМ побара од Владата целосно повлекување на планот во делот на рударските проекти. Според нивните обвинувања, документот предвидува петкратно зголемување на површините под експлоатација на критични минерални суровини, од два на околу десет квадратни километри, без претходна транспарентност и јавна консултација со локалното население.
„Македонија не е на продажба. Нема да го ризикуваме здравјето на граѓаните за туѓи профити“, изјави Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на прес-конференцијата на Филипче, оценувајќи дека неговите ставови се политички мотивирани. Од партијата наведуваат дека развојот на рударството е една од гранките што може да обезбеди долгорочен и стабилен раст на домашната економија и индустрија. Во реакцијата се наведува и дека СДСМ се противи и на други развојни проекти, меѓу кои и развојот на високотехнолошката индустрија и дата-центрите.
Од друга страна пак, Агенцијата за планирање на просторот наведуваат дека станува збор за стратешки документ во фаза на изработка, чија цел е долгорочно усогласување на просторниот и економскиот развој на државата преку повеќе фази на усогласување.
Следната расправа во Велес ќе биде нов тест за тоа дали забелешките на локалните заедници и еколошките здруженија ќе бидат земени предвид или предлог-проекциите за рударските ископи ќе останат во конечната верзија на Просторниот план.
Претходно, реакции во јавноста имаше поради најавен проект за ископ на антимон во рудникот Крстов Дол, кај Крива Паланка, кој се наоѓа во почетна фаза на истражување. Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, тогаш изјави дека нема да се дозволи инвестиција што би била на штета на здравјето на граѓаните и животната средина.
Во октомври минатата година, Министерството за енергетика објави дека се раскинати 45 концесии во рударството и енергетиката поради непочитување на законските одредби и на еколошки мерки, неплаќање концесиски надоместоци, пренесување концесија без согласност и експлоатација надвор од дозволениот предел.


