Насилството кај младите не е проблем на една институција, туку предизвик за целото општество и затоа нашиот одговор мора да биде заеднички, координиран и одлучен, се сложија денеска потписниците на Декларацијата за намери за превенција на насилството кај младите во рамките на националната работна група, што беше верификувана денеска во Скопје.
„Превенцијата на насилството кај младите бара координиран, системски и заеднички одговор од сите институции и општествени чинители. Младите треба да имаат активна улога во креирањето на политиките, а институциите да обезбедат системска поддршка, вклучително и во образованието, менталното здравје и дигиталната безбедност“, изјави министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, на потпишувањето на декларацијата.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека клучниот фокус на институциите мора да биде ставен на превентивните мерки и унапредување на училишните механизми за справување со врсничкото насилство.
„Нашата задача е насилството да го сведеме на најниско можно ниво преку јакнење на превенцијата и создавање безбедна училишна средина“, рече Јаневска.
Таа информираше дека се воведени законски обврски за училиштата да планираат активности за заштита на учениците, зајакнати се стручните служби и дека повторно се воведени дежурства на наставниците како дел од мерките за подобрен надзор и навремено реагирање.
„Врсничкото насилство бара сериозен одговор“
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пак, врсничкото насилство бара сериозен институционален одговор и нагласи дека полицијата веќе е поинтензивно присутна на терен.
„Врсничкото насилство бара сериозен одговор од повеќе институции. Станува збор за појава што зема замав и мораме да одговориме со заеднички сили“, рече Тошковски додавајќи дека полицијата е во постојана комуникација со училиштата и има засилено присуство меѓу учениците и дека институциите мора да дадат заеднички одговор за да се постигнат подобри резултати во иднина.
ОБСЕ: Најважно е младите да бидат слушнати
Амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, ја истакна важноста од партнерството меѓу институциите и меѓународната заедница во насока на превенција на насилството и создавање побезбедна средина за младите.
Тој го поздрави силниот ангажман на надлежните министри и го оцени денешното потпишување на декларацијата како прв чекор, кој мора да биде проследен со решителна акција.
„Најважно е младите да бидат слушнати, да имаат глас и да живеат во средина без страв и насилство“, нагласи Вал додавајќи дека Мисијата на ОБСЕ ќе продолжи да го поддржува процесот.
Настанот се одржа во рамките на националната работна група за превенција на насилство кај младите, која претставува прв национален механизам посветен исклучиво на ова прашање. Работната група е воспоставена од Министерството за социјална политика, демографија и млади во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со вклученост на институциите, органите за спроведување на законот, како и граѓанскиот и младинскиот сектор. Со нејзиното формирање се овозможува платформа за координација и дијалог, со цел системско справување со насилството кај младите преку мапирање ризици, идентификација на приоритети и следење на спроведувањето на мерките. Работната група има цел да ги зајакне институционалните капацитети и да обезбеди сеопфатен пристап во превенцијата, со активно учество на младите во процесите на одлучување и креирање политики поврзани со нивната безбедност.


