Дипломатот од кариера, Крум Ефремов, ќе биде новиот македонски амбасадор во Бугарија

Објавено:

Дипломатот од кариера, Крум Ефремов, ќе биде новиот македонски амбасадор во Бугарија, информираше денеска министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски. Шефот на македонската дипломатија, на денешната прес-конференција, рече дека подготовките за заминување на Евфремов во Софија се во тек и дека наскоро ќе биде пополнето амбасадорското место што остана испразнето по завршувањето на мандатот на Агнеса Руси – Поповска во мај годинава.

Ефремов е дипломат од кариера, со повеќе од 20 години искуство во Министерството за надворешни работи, каде што беше директор за економска и јавна дипломатија, а беше и македонски амбасадор во Украина.

Непополнети остануваат уште десетина амбасадорски позиции од вкупно 59 дипломатски претставништва на Македонија.

Муцунски денеска изјави и дека продолжуваат разговорите за надминување на спорот со Софија и деблокирање на македонскиот пат кон ЕУ, но дека остануваат непроменети црвените линии на државата.

„Со Бугарија постојано има дијалог, од моментот кога е формирана оваа Влада до денес. Имало период кога дијалогот бил поинтензивен или помалку интензивен, но нема момент во кој ние не сме дискутирале за изнаоѓање соодветно праведно решение во рамките на позициите кои ние ги имаме“, изјави Муцунски, одговорајќи на новинарско прашање дали има дијалог за надминување на проблемот со Бугарија што ја блокира евроинтеграцијата на земјава.