На територијата на државата во моментов има најмалку 20 пожари на отворен простор, од кои најмалку 11 се активни – информираше денеска (22 август) директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Тој посочи дека во текот на денот избувнале повеќе тешки пожари, а најалармантна е состојбата во струмичкиот регион.
„Најалармантен е пожарот во близина на Струмица, во атарот на селата Баница и Водоча, кој се заканува на куќите од првиот ред. На терен се пожарникарите од Струмица, а побарав и итна помош од противпожарните екипи од Валандово и Радовиш“, изјави Ангелов.
Тој рече дека огнот поради ветерот се проширил многу брзо, зафаќајќи огромна територија бидејќи како што додаде, е безмалку во урбана средина.
„Ангажирана е механизација која работи противпожарни препреки. Но со оглед на ветрот се уште ништо не е сигурно“, додаде директорот на ДЗС.
Сепак, огнот зафатил само еден помошен објект и нема повредени лица. Единствено, како што рече Ангелов, „една возрасна госпоѓа не сакала да ја напутши својата викендица, но била присилно изнесена за да не настрада ако огнот дојде до таму“.
„Апелирам да не се создава непотребна паника. Пожари имало и ќе има, нивниот број во наредните денови ќе расте поради високите температури“, порача Ангелов.
Во гаснењето на огнот кај Струмица учествуваа и територијалните противпожарни единици од Радовиш, Гевгелија и Валандово, но и доброволни противпожарни друштва.
„Вклучени се и доброволни противпожарни единици од околните места, а дејствува и еден Ер-трактор. Исто и екипи од Комуналец-Струмица со својата механизација ја дополнуваат водата на пожарникарите, а и општествено одговорни фирми кои придонесоа да се направи заштитен појас“, информираше градоначалникот на Струмица, Петар Јанков.
Инаку, според Ангелов, сериозен пожар е активен и на подрачјето на Општина Студеничани, каде огнената стихија се движи кон планинското село Цветово и претставува закана за објект во кој, најверојатно, има трло.
Ангелов информира дека активен е и пожарот во атарот на тетовското село Церово во Општина Желино, кој избувнал вчера и се шири кон ридскиот предел.
„Гори неквалитетна шума, грмушки и трња, но постои опасност да бидат зафатени и лозовите насади во овој реон. Разговарав со командирот на ТППЕ Тетово, кој ќе испрати дополнителни екипи за заштита на лозјата и околниот имот“, рече првиот човек на ДЗС.
Тој истакна дека нови пожари се регистрирани и во атарот на селото Тајмиште во кичевско, кај селото Ломница во Општина Врапчиште, како и во Општина Маврово и Ростуше, каде на терен интервенираат припадници на ДЗС, пожарникари и локално население.
Во прилепскиот регион, според Ангелов, активни се пожари во атарите на селата Маџуниште, Коњаре и Бонче, при што пожарот кај Бонче е дел од поголемиот мариовски пожар, кој е речиси целосно изгаснат.


