Во сообраќајна несреќа што се случила синоќа на автопатот Куманово-Скопје, кај Агино Село загинаа две лица, а три се повредени, соопшти СВР Куманово.
Синоќа околу околу 21.35 часот во СВР Куманово било пријавено дека на автопатот Куманово-Скопје, во насока кон Скопје, во атар на село Агино Село, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.М. (65) од Скопје и патничко возило „опел корса“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Н. (27) од Скопје.
„На местото на настанот починале сопатниците од возилото опел корса В.Н. (49) и Л.М. (71) од Скопје. Л.Н. (48), сопатничка од возилото „опел корса“ се здобила со тешки телесни повреди, а сопатникот Б.Н. (28) и С.Н. (27) од Скопје се здобиле со телесни повреди и биле пренесени во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје“, соопшти кумановската полиција.
Увид извршила екипа од СВР Куманово. По наредба на јавен обвинител, возачот на патничкото возило „мерцедес“ М.М. бил лишен од слобода.


