Екологистите се против обидот на Владата да им го „исчисти“ патот на загадувачите

Објавено:

Законски чекор назад за заштитата, а голем скок напред за загадувањето. Вака накратко може да се опишат новите измени во Законот за животна средина што по брза постапка се туркаат во Собранието под изговор за усогласување со европските правила. Екологистите предупредуваат дека пратениците со овие законски измени добиваат можност да ги укинат сите досегашни механизми за чистење и мапирање на контаминираните површини. Тоа во превод ќе значи дека загадено земјиште од сега ќе може слободно да се продава или дава под концесија, а купувачот нема ни да знае дека купува затруено парче земја, затоа што никој нема да има обврска за го евидентира.

„Предложеното бришење на членовите кои ги регулираат контаминираните подрачја ќе создаде правна празнина и негативно ќе влијае на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето. Во Република Северна Македонија постојат повеќе „еколошки жешки точки“, односно контаминирани подрачја кои се остаток од поранешни индустриски капацитети и рудници кои иако престанале да работат, а зад себе оставиле различни типови и количини на опасен и канцероген отпад, кој не е заштитен и континуирано предизвикува штета по животната средина и здравјето на луѓето“, велат младите правници.

Тие го информираат законодавниот дом, дека според Планот за управување со отпад на Македонија за 2021- 2031, се идентификуваат седум вакви „жешки точки“.

Младите правници предупредуваат дека контаминираните зони претставуваат сериозен ризик по животната средина и здравјето на луѓето. Тие додаваа дека воведувањето на овие членови беше позитивен исчекор во квалитетот на македонското законодавство за заштита на животната средина затоа што воспостави правила за мониторинг и санирање на контаминираните подрачја засновано на науката.

„Ваквиот предлог на Владата, односно Министерството за животна средина и просторно планирање претставува назадување на македонската правна рамка и повторно ќе доведе до ситуација во која во државата нема да постојат правила по кои ќе се санираат овие контаминирани подрачја“, велат од Здружението на млади правници.

Дополнително, во измените на законот се укинува децениската забрана која не дозволуваше тешка и загадувачка индустрија да се гради или обновува на помалку од 5 километри од градовите и заштитените природни подрачја. Тоа значи дека сите стари и затворени фабрики покрај нашите домови ќе можат повторно да почнат со работа или да ги прошират своите капацитети. Забраната го оневозможуваше рестартирањето на стари индустриски капацитети лоцирани во градовите како што е Топилницата во Велес на пример. Внесувањето на оваа мерка во 2020 година беше реакција на долгогодишните барања на граѓанските организации и локалното население да се воспостави заштитна таканаречена буфер-зона меѓу тешката индустрија и домовите.

„Со предложените измени, сите одамна затворени индустриски инсталации на пример во Скопје ќе може да продолжат да работат и дополнително да ги трујат скопјани, а и постоечките да си го прошират производството. Наместо да се оди кон целосно оддалечување на загадувачката индустрија од населени подрачја, со измените се прави катастрофален регресивен чекор“, реагираат од Зелен хуман град.

Невладината Еко-свест во реакцијата пред најавената собраниска дебата за предлогот посочува дека предложените интервенции зафаќаат суштински прашања како што се управувањето со контаминирани подрачја, роковите за поднесување елаборати и постапките за оцена на влијанието врз животната средина. Еко-свест оценува дека бришењето и менувањето на овие одредби може да создаде нејаснотии при примената на законот.

Организацијата предупредува и на можна неусогласеност со новиот закон за заштита на природата, чија подготовка е во тек. Од пратениците бара да ги земат предвид доставените коментари за да спречат последици врз животната средина.

Министерот лично ќе избира членови во Комисијата за заштита

Со измените се предвидува укинување на обврската за видео или аудио снимање на јавните расправи, како и прекинувањето на задолжителната електронска достапност на документите за загадувањето. Наместо стручњаци од институциите за здравство, полиција и заштита и спасување да даваат мислење дали некој капацитет е безбеден, целиот процес се префрла на четиричлена комисија избрана лично од министерот.

Со новиот член 83 став (7) се предвидува дека ако надлежните органи не достават мислење во рокот, се смета дека немаат забелешки. Тоа остава простор за чување на предмети во „фиока“ без одговорност. Доколку која било надлежна служба задоцни со одговор поради бирократија или недостиг на кадар, законито ќе се смета дека нема забелешки и фабриката ќе си добие дозвола да работи.

Еко-свест предупредува на можна законска колизија, затоа што паралелно со овие измени, надлежните институции во моментов подготвуваат и сосема нов Закон за заштита на природата, чиј предлог веќе е поставен на националниот регистар на прописи.

„Бидејќи измените на Законот за животната средина директно се повикуваат на одредби од регулативата за природата, нивното избрзано гласање создава висок ризик од меѓусебна контрадикторност на прописите, што во пракса ќе предизвика правен хаос во судските и инспекциските постапки“, се наведува во реакцијата на Еко-свест.

Од Македонско здружение на млади правници (МЗМП) испратија писмо до координаторите на пратеничките групи во Собранието, со кое се предупредува на опасностите од предлогот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, чиј подносител е Владата.