ЕУ не се договори за санкциите за Русија, Бугарија го спасува рускиот патријарх Кирил

Објавено:

Советот на Европската Унија денеска не успеа да го одобри предлогот за понатамошно проширување на санкциите против Русија поради војната во Украина.

„Жалам што сè уште не сме постигнале едногласност, но сме доста блиску“, рече високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, по завршувањето на состанокот на европските министри за надворешни работи.

Таа истакна дека земјите-членки на ЕУ имаат различни причини да инсистираат на измени во првичните предлози на Европската комисија. Според неа, најдобар ефект за економијата на сите земји од ЕУ е војната во Украина да заврши.

„Затоа, потребни се краткорочни напори за завршување на војната со вршење дополнителен притисок врз Русија“, посочи Калас.

Бугарија, пак, претходно информираше дека успеала да го спаси поглаварот на Руската православна црква (РПЦ), патријархот Кирил, и основачот на компанијата „Лукоил“, Вагит Акекперов, од овој предлог-нацрт за санкции.

„Забелешките на Бугарија се уважени и овие две лица повеќе не се во предложениот пакет, така што од наша страна сме подготвени да го поддржиме“, истакна министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова, на маргините на денешниот состанок на Советот на ЕУ за надворешни работи во Брисел.

Рускиот патријарх веќе извесно време се споменува во кулоарите во Брисел за ставање на црната листа на ЕУ. Но, се „спасуваше“ и претходно. Во јуни 2022 година, на пример, обидот да заврши на црната листа беше блокиран од тогашниот унгарски премиер Виктор Орбан.

Состаноците за новиот пакет санкции кон Русија следуваат откако Европската комисија на почетокот на јуни предложи следните санкции против Кремљ да вклучуваат повеќе економски мерки и забрана за влез во ЕУ за сите кои служеле во руските вооружени сили од почетокот на војната.

Калас, денеска посочи и дека ЕУ има план „Б“ ако новото продолжување на санкциите не добие поддршка на време.

Првичниот предлог за овој 21. пакет санкции за Москва содржеше 250 лица и субјекти поврзани со Русија.