УНИЦЕФ: Речиси секое петто дете било изложено на сексуална злоупотреба преку технологија

Објавено:

Околу 20 милиони деца на возраст од 12 до 17 години, или речиси секое петто дете, во само една година биле изложени на најмалку една форма на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во 21 земја. Ова го покажува новиот извештај на УНИЦЕФ, кој ги обединува искуствата на децата со податоци од едно од најголемите истражувања за овој проблем.

Според извештајот, повеќе од 15 милиони деца биле изложени на несакана сексуална содржина, додека на околу 9 милиони им било барано да учествуваат во сексуални разговори или да споделуваат сексуални фотографии против нивна волја. Сексуални фотографии од околу 4 милиони деца биле споделени без нивна согласност. УНИЦЕФ предупредува дека реалниот број веројатно е и поголем поради тоа што голем дел од случаите не се пријавуваат.

Најголем дел од злоупотребите, речиси 60 проценти, се случиле преку социјалните мрежи, додека 14 проценти биле поврзани со онлајн-игри. Во Црна Гора, повеќе од 80 проценти од пријавените случаи биле поврзани со социјалните медиуми.

Загрижувачки е и тоа што сторителот не секогаш е непознато лице. Во 57 проценти од случаите станувало збор за лице кое детето веќе го познавало – врсник, пријател, партнер или член на семејството. Во 38 проценти од случаите, пак, детето првпат го запознало сторителот преку интернет.

Северна Македонија меѓу земјите со особено загрижувачки податоци

Последиците врз децата може да бидат сериозни. Според анализата на УНИЦЕФ, децата кои доживеале сексуална експлоатација преку технологија имале четирипати поголема веројатност да пријават самоубиствени мисли или однесување и самоповредување, како и значително повисоко ниво на анксиозност.

Особено загрижувачки се податоците за Северна Македонија и Мексико, каде што ризикот од самоубиствени мисли или однесување бил повеќе од осумпати поголем кај децата кои доживеале ваква злоупотреба.

Од УНИЦЕФ повикуваат на посилна заштита на децата на интернет, вклучително и побезбедни дигитални платформи, посилни механизми за пријавување и поголема одговорност на технолошките компании и институциите.

„Сите ние, вклучувајќи ги владите и технолошките компании, мора да направиме повеќе за да ги заштитиме децата на интернет“, порача извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.

И покрај сериозноста на проблемот, повеќе од 40 проценти од случаите никогаш не биле откриени пред никого, а помалку од еден процент биле пријавени кај полицијата, социјалните служби или телефонските линии за помош.

Најчеста причина поради која децата молчат е тоа што не знаат кому да му се обратат.

Последни објави