Државниот завод за ревизија утврди низа слабости во системот за издавање дозволи за изградба на фотоволтаични електроцентрали (ФЕЦ) во периодот од 2022 до 2025 година. Ревизијата покажала недоволна законска усогласеност, слаба координација меѓу институциите, доцнења во постапките и недоволен надзор врз изградбата и работењето на ФЕЦ.
До мај 2025 година, изградбата на нови фотоволтаични централи се одвивала без Индикативен план за изградба на капацитети од обновливи извори, кој требало да биде основа за планирање на новите производни капацитети и нивното приклучување во електроенергетскиот систем.
Ревизорите утврдиле и дека недоволната координација и размената на податоци меѓу институциите дополнително го забавувале процесот. Особено проблематични биле постапките за поголемите ФЕЦ, над 10 мегавати.
Спорни дозволи за централи од 19, 174 и 337 мегавати
Еден од посериозните наоди е дека биле издадени одобренија за изградба на три ФЕЦ со моќност од 19, 174 и 337 мегавати, спротивно на законските прописи. Одобренијата за овие објекти од државно значење ги издала општината, иако за нив требало да постапува надлежното министерство, а Владата да донесе одлука за овластување за изградба.
Ревизијата утврдила и неусогласени податоци за моќноста на ФЕЦ во документите на различни институции, случаи на издавање две одобренија врз основа на еден урбанистички извод, како и нееднаков третман на инвеститорите при плаќањето на надоместоците и дополнувањето на документацијата.
Нови правила, но сè уште недостигаат важни подзаконски акти
По донесувањето на новиот Закон за енергетика во мај 2025 година има напредок во планирањето, а Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година е донесен навреме. Сепак, ревизорите утврдиле дека не се донесени сите потребни подзаконски акти.
Меѓу другото, недостигаат правила за општинските енергетски планови и за критериумите за добивање овластување за изградба на енергетски објекти, а не е формирана ниту комисијата за доделување на овластувањата. Тоа создава застој во издавањето дозволи за објекти со моќност од 1 мегават и повеќе.
Проблеми има и со надзорот. Ревизијата констатира целосно отсуство на надзор над спроведувањето на дел од обврските од Законот за енергетика, мал број инспекциски контроли и недоволен надзор врз обврските на инвеститорите.
Дополнително, не постојат услови за ефикасен мониторинг на ФЕЦ поради нецелосен и неусогласен Регистар на електроцентрали, како и поради нерегулираното управување со отпадот од опремата на фотоволтаичните централи и системите за складирање енергија.
Државниот завод за ревизија даде препораки до надлежните институции со цел да се надминат утврдените слабости и да се обезбеди поефикасен, координиран и законски усогласен систем за развој на обновливите извори на енергија.


