Венко Филипче молчел за скандалот на Славјанка вреден 37 милиони евра, а проговори откако се скараа, изјави Бране Петрушевски, заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, во врска со изјавите на лидерот на СДСМ за договорот за хеликоптери во времето кога Славјанка Петровска беше министерка за одбрана.
Тој додаде дека јавноста заслужува одговори во однос на изјавата на Филипче за, како што тој вели криминалот вреден 37 милиони евра.
Го охрабруваме потегот на Филипче да проговори, но исто така го повикуваме и обвинителството да го истражи случајот за кој патем се доставени сите информации до надлежните институции, истакна Петрушевски.
Од друга страна, СДСМ во соопштение одговара на обвинувањата, нагласувајќи дека за овој случај Филипче всушност го цитирал министерот за одбрана Мисајловски.
„ Повеќе пати министерот го кажа тоа. Имате ваш министер, вие сте на власт, се сеќавате? Нема документи, нема демант, има прашање кој кога дознал. Одбраната е ваш ресор веќе две и пол години. Кабинетот е ваш. Обвинителот е на ваш повик. Ако има 37 милиони, не ги барајте кај опозицијата. Барајте ги кај оној што го држи ресорот и кај оној што го чува предметот“, се вели во соопштението.
СДСМ додава дека партијата не бега од проверка, туку оти тоа го прави ВМРО ДПМНЕ, кое бега од сопствениот министер.


