Иран предложил седумдневен план за повторно отворање на Ормускиот Теснец

Објавено:

Иран им предложи на САД седумдневен план за повторно отворање на Ормускиот Теснец, според кој овој поморски пат би бил отворен на седмиот ден доколку бидат исполнети одредени услови, изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи.

Во изјава за новинарите на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, тој рече дека по повторното отворање на теснецот би продолжиле и преговорите меѓу Иран и САД.

Тој не даде појаснување за поставените услови, но истакна дека тие „не се ништо повеќе“ од она што двете земји го договориле во јуни.

Иранските државни медиуми објавија дека условите на Техеран вклучуваат итно укинување на американската поморска блокада долж иранскиот брег, ослободување на сите замрзнати ирански средства и прекин на воените дејствија на сите фронтови.

Претставници на САД и Иран во вторникот разговараа на маргините на Генералното собрание на ОН, што беа први такви преговори меѓу двете страни по неколку месеци.

Контролата врз Ормускиот Теснец, клучниот поморски пат за транспорт на нафта и течен природен гас, останува едно од централните спорни прашања меѓу Вашингтон и Техеран.