Изгаснат пожарот што избувна вчера во Радовиш

Објавено:

За само една недела радовишките пожарникари се бореа со два поголеми пожари на своја територија. Последниот се случи на 24 мај во поранешната фабрика за текстил во Радовиш „Декортекс“. Според последните неофицијални информации неколумина пожарникари кои го гаселе пожарот до доцна во ноќта се здобиле со полесни изгореници.

На радовишките пожарникари на помош им дошле колегите од Струмица, и доброволци од Злетово и Конче. Од противпожарната единица во Радовиш известија дека горел магацин во просториите на поранешен Декортекс, во кои имало запаливи материјали.

Pozar vo Dekoteskt, photo by Radovis news
Внатрешноста на магацинот во поранешната фабрика Декотекс, фотографија е преземена од https://radovisnews.mk/

„За неполни три минути од пријавата за пожар нашата екипа излезе на терен. Веднаш беа мобилизирани сите пожарникари,а на помош пристигнаа и екипи од Т.П.П.Е Струмица и Д.П.Д.Мантово“, соопштија од противпожарната во Радовиш.

Pozar vo Dekoteskt, photo by Radovis news
Опожарена фабриката Декотекст, фотографија на Радовиш Њус ( https://radovisnews.mk/)

Причината за пожарот дополнително ќе се утврдува, велат надлежните.

Претходно радовишките пожарникари околу пет дена се справуваа со големиот пожар што ја зафати радовишката депонија. Пожарот беше изгасен на 20 мај, а во изминативе четири дена екипи на јавните претпријатија работеа на санацијата на градската депонија.

Радовишкиот градоначалник Љупче Почивалец изјави дека до сега на градската депонија во Радовиш се истоварени вкупно 464 тури со камиони-кипери, односно околу 9.000 кубни метри земја.

„На одредени места сè уште има појава на чадење, но активностите продолжуваат непречено со цел целосно покривање на опожарената површина со земја и песок и конечно локализирање на состојбата“, посочи Почивалец во објава на социјалните мрежи.

Во изминатава годинава имаше повеќе пријавени пожари на депонии низ државата, особено во летниот и пролетниот период. Но, ниту Центарот за управување со кризи ниту Министерството за животна средина досега немаат објавено централизирана евиденција само за депониски пожари.

Според последниот Национален план за управување со отпад, во Македонија постојат над 2.000 нелегални депонии. Овие депонии функционираат без дозволи и без стандарди и се сериозна закана за животната средина и здравјето на граѓаните.