Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“
Имам навика, понекогаш сум здодевна, да им сугерирам на учениците кога патуваат низ светот осознавајќи туѓи култури, секогаш да бараат и пронаоѓаат траги од својата национална култура, да ги споредуваат природните богатства, историските знаменитости, археолошките арте-факти, фолклорните специфики и да не се чувствуваат инфериорно пред големината на другите земји, каде и да се. Секако, пред сите патешествијата надвор од Македонија да го понесат со себе најскапоцениот патувачки багаж, знаењето за своето национално богатство.
Моќта на знаењето е неприкосновена. Да се вратиме во минатото и да го повториме наученото, оти без тоа минато сме проsирни духови во сегашноста.
„Сите патишта водат кон Рим “, па така и патот на светите мисионери, сесловенските учители и просветители, браќата Св.Кирил и Св.Методиј. Водени од длабоките пориви за ширење на христијанството, во далечниот 9 век ќе стасаат во Ватикан, кај римскиот папа Адријан кој официјално ја признава словенската азбука. После 11 векови, во истиот град на некогашни гладијаторски арени, Папата Јован Павле II во 1980 година ги прогласува светите Кирил и Методиј за заштитници на Европа. Не е малку за да ја почувствуваме важноста и древноста на четвртиот по ред јазик на којшто била преведена библијата и јазикот на кој се држеле беседи на плоштадот „Св.Марко“ во Венеција, далечната 867 година. Светите мисионери покрај големата ученост и знаење, имале и неверојатна дипломатска моќ. Во борбата против непријателите на словенската писменост, тријазичниците, кои супериорно тврделе дека само три јазици се дадени од Бога ( еврејскиот, грчкиот и латинскиот) светите учители дипломатски ги разоружувале, подучувајќи ги дека „и сонцето подеднакво грее и дождот подеднакво паѓа за сите луѓе на светот“ и дека пред нив постоеле и други древни јазици како сумерскиот и египетскиот. Моќта на дипломатијата ја покажале и со предавањето на моштите на маченички убиениот папа Климент, претходникот на папата Адријан, по кого Климент, омилениот ученик на св.Кирил, го добил името.
Свети Климент, епископот словенски и велички, со своите дела е нашата голема светост и светлина. Го отворил и првиот словенски универзитет, Охридска книжевна Школa, за што целиот свет треба длабоко да му се поклони. Тоа е првиот универзитет во 9 век, после него се појавуваат: Египетскиот (910), Универзитетот во Болоња (1088), Оксфорд (1096), Кембриџ (1209), Харвард (1636) и останатите низ светот.
Па малку ли е за да се чувствуваме самобитни? Самобитноста ќе се верифицира, озакони, кодифицира и официјализира дури 1945 година, на светите датуми кои секој државјанин на Македонија треба да ги знае како и датумот на својот роденден. Тоа се 5 Мај -признавање на македонската азбука и 7 Јуни – признавање на македонскиот правопис! Ако ве праша некој, што ни се случувало цели 12 векови, јазикот наш македонски кој се наоѓа во центарот на јазичниот сојуз покрај другите старословенски јазици, најдоцна да ја добие својата верификација, одговорот е познат: секогаш низ историјата од две зла сме го бирале помалото. Но зло си е зло, помало или поголемо, зло е. Нашата историска голгота и неправда никогаш не била милозлива па да ни се посреќи од две добра да го одбереме подоброто…
Сепак, благодарни сме ѝ на историјата, на моравскиот кнез Ростислав кој од две зла (асимилацијата од латино-германското свештенство од една страна и Византија од друга) дипломатски решил да побара од своите непријатели, од Византија, мисионери за ширење христијанство на разбирлив јазик за неписмените Словени кои во религиозен поглед биле пагани (многубошци).
И така, браќата Кирил и Методија ја создале глаголицата и ја превеле библијата од грчки на старословенски јазик за седумдесет дена. На грчките преведувачи од хебрејски на старогрчки јазик им требало многу повеќе време и многу повеќе луѓе чии имиња не се паметат. Нивниот ученик и следбеник, Климент Охридски, најсветиот од светителскиот венец (Наум, Горазд, Сава и Ангелариј), го продолжува нивниот пат. Отвора цркви и училишта, пишува похвални и поучни слова, несебично им го пренесува знаењето на многубројните ученици од Охридската книжевна школа, лекува, ја крои природата (калемел растенија кои ги носел од Грција во Охрид) и го пишува најубавото пофално слово за својот блажен учител и татко св.Кирил, користејќи двојни епитети како светлозрачниот спомен за нашиот преблажен татко да го чувствуваат сите христољупци како сонце на трисушното божество. Го благословува со најблажени зборови: блажени да му се прстите, рацете, устата, утробата, нозете, душата, црквата и градот каде св. Кирил ќе има папски погреб. Ете така се сакале учителите Кирил и Методиј!
Датумот и местото на неговото раѓање не се знаат, сѐ се базира на претпоставки како и авторството на кирилицата, но неговиот дух се препознава во секој оној кој го чувствува како светец, кој знае дека неговото име го носи Соборниот храм, Градската болница, Народната универзитетска библиотека, и уште многу културни храмови низ светот.
Секој ден низ светот умира по некој јазик – живо битие кое треба да се негува, да му се вдахнува живот употребувајќи го како што заслужил. По долговековните маки македонски, со љубов, должна почит и уставотворна законска должност мора да го негуваме официјалниот јазик на Македонија како наше чедо, породено во тешки маки. Само да не си го одредиме и отуѓиме, оти друг јазик немаме, исто како што немаме ниту друга татковина. Секоја година, на секој голем празник зборуваме, чествуваме, празнуваме и оддаваме почит, но за кратко време забораваме дека зад сите големи празници и датуми треба да стојат уште поголеми дела. Стравувам дека сѐ уште многу македонски државјани не знаат за светите браќа или слушнале за некој си Кирилиметодиј!
Епа сега малку за сегашноста во сегашноста. ,,Кирилиметодиј” сосе ,,кирилоглаголицата” ни се ,,криви” за сеирот и мисионерското препукувањата на Фејсбук. Електронскиот сеир се шири побргу од светлината, побргу од што се ширело христијанството на старословенски јазик. Оти немале струја. Па и оној Тесла е крив што задоцнил, ќе имаше електронски сеир уште во 9 век. Очигледно ни фали минатото, некогаш подалечното, некогаш поблиското минато, ама сѐ се врти околу него. Живееме од минат труд. Ама од туѓ минат труд. Наместо да се трудиме во сегашноста да сработиме нешто вредно, полесно ни е топорење во стилот ,,по битка – сите генерали“. Особено кога минатото се базира врз претпоставки. Ај претпоставки околу потеклото на Хомер и неговото авторство на ,,Илијада“ и ,,Одисеја“, време пред нашата ера. Ај претпоставки околу составувачите на кирилицата, живееле во 10 век (?). Ама препукувања околу претпоставките, кои се хипотетички докажани дека се хипотези, ми наликува на препризнавањето на веќе кодифицираниот и признат македонски јазик уште во 1945 година, не толку далечно минато. Патем, со видливи документи и опипливи арте факти.
Ако од Охридската книжевна школа немаме некој зачуван цртеж, што не значи дека ја немало, документи од АСНОМ имаме. Е па зошто се дозволи македонскиот литературен и стандарден јазик да се стави во позиција на признавање? Повторно препризнавање. Некој не прашал поучени од себе! Како да си немаме друга работа па шириме сеир со државни и историски факти.
А имаме учени луѓе со долг минат, научен и истражувачки труд, долга професионална кариера, одлични познавачи на генезата на македонскиот јазик. Проф. Елка Јачева-Улчар кратко и јасно објасни на својот Фб-профил за нештата да станат појасни: ,,Е па, драги мои ФБ-пријатели вистината е таа дека навистина не е познат авторот на кирилицата. Нашата најугледна палеославистка проф. д-р Радмила Угринова-Скаловска, од првата генерација студенти на акад. Блаже Конески, во учебникот по Старословенски јазик, од 1977 на стр. 24, во рамките на лекцијата за СТАРОСЛОВЕНСКОТО ПИСМО вели: „Ако се прифати претпоставката, тргнувајќи од нејзината старина, дека глаголицата ја составил Константин-Кирил, останува нерешено прашањето кој ја составил кирилицата. Во славистичката наука се правеле и, сè уште, се прават различни претпоставки за нејзиниот автор: дека ја составил Методија, Климент, Црноризец Храбар, цар Симеон и др. Најверојатен е фактот дека таа најнапред се појавила во источна Бугарија, во книжевниот круг во Преслав, престолнината на тогашното бугарско царство, најмногу педесетина години по изнаоѓањето на глаголицата. На тоа особено укажуваат натписите со грчко, односно кирилско писмо („без устроенија“ како што вели Црноризец Храбар), изнајдени во поново време при археолошките ископувања во Преслав во тркалезната црква на Симеон, во кои за специфичните словенски гласови се употребени знаци од глаголицата, а за оние што ги има и во грчкиот гласовен систем, букви од грчкото уставно писмо.
Обете азбуки имаат повеќе заеднички црти што се објаснуваат со фактот дека во основата и на едната и на другата лежи грчко писмо: на кирилицата иницијално (унцијално, уставно), а на глаголицата минускулно. Најважна е сличноста помеѓу двете азбуки во начинот на пренесувањето на словенските гласови. За глаголицата изворот за тие букви е јасен, а кирилицата ја следи во тој поглед. Ако се споредат тие букви, ќе се види дека сличност постои, макар што се модифицирани.“ Ете, кратко, јасно и научно поткрепено.
Нека ни е вечен и свет светиот празник!


