Претседателот на САД, Доналд Трамп, му се закани на Иран откако беа упатени повици за негов атентат за време на погребот на врховниот ирански лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Во објава на својата платформа Truth Social, Трамп порача дека „илјада ракети се подготвени да бидат лансирани и насочени кон Иран, а уште илјадници би следеле веднаш доколку иранската влада ја спроведе својата закана“.
Во последните неколку денови, двете страни разменија удари откако Техеран нападна бродови во Ормутскиот Теснец.
Својата најнова закана, Трамп ја оправдува велејќи дека тоа е одговор на заканите за „атентат или обид за атентат“ против него.
Ајатолахот Али Хамнеи беше убиен во нападот на 28 февруари со кој започна војната во Иран, но беше погребан пред само пред неколку дена. Присутните на погребот носеа постери и транспаренти со кои се повикуваше на убиство на Трамп и на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Трамп во објавата додаде дека американската војска „целосно ќе ги десеткува и уништи сите области на Иран – фала му на Бога!“.
Кога се во прашање преговорите, американските власти вчера изјавија дека Трамп им дава на американските преговарачи ограничено време да постигнат договор со Иран, но додадоа дека претседателот има широк спектар на достапни опции доколку разговорите не успеат.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека планира да разговара за ситуацијата во Ормутскиот Теснец со своите колеги од Оман во понеделник, објави иранската новинска агенција ИРНА.
Сепак, Арагчи ги обвини САД за кршење на привремениот договор со повлекување на одредени исклучоци кои биле на сила, а коишто му дозволуваа на Иран да продава сурова нафта на отворениот пазар за американски долари.


