Пред неколку дена прочитав вест дека ученик од трето одделение е шокиран од зборовите „фотографии на разголени жени“ што ги прочитал во расказот „Сон“ од збирката „Орхан“ на писателот Неџати Зекирија.
Во веста беше наведено дека родителите сметаат дека „ваквата содржина не е соодветна за возраста на децата и дека може да предизвика страв и збунетост кај учениците“.
За волја на вистината, во самата лектира никаде нема фотографии на разголени луѓе, туку зборовите „разголени жени“ се напишани на страницата. Значи, шокот не го предизвикале разголени фотографии туку нивното спомнување.
Понатаму, во расказот Орхан сонува кошмар во кој училишниот прибор му се обраќа грубо и со закани бидејќи не ракувал грижливо и внимателно со него. Тетратката, на пример, вели дека личи на алваџиски тефтер бидејќи е исполнета со „најразлични шари, грди зборови и фотографии на разголени жени“ (стр. 48).
Поентата е повеќе од јасна: поуката на приповетката е да ги научи децата, т.е. учениците со почит да се однесуваат кон своите предмети и да внимаваат на својата и нивната хигиена.
Ваквата порака е сосема соодветна за возраста на учениците.
Сепак повеќе ме заинтригира спомнувањето на можноста да се „предизвика страв и збунетост кај учениците“ како причина за скандилизирање на јавноста. Шпекулирам дека исход од проширување на случајот би можело да биде дури и повлекување на лектирата. Имајќи предвид дека нашите власти бегаат од сè што може да предизвика негативен наслов во медиумите како ѓавол од крст, не е ни ваквата претпоставка далеку од вистината.
Јавноста не треба да се бранува без разлика што и да губи или која е вредноста на она против кое јавноста се кренала.
Честопати лектирниот список се критикува поради архаичноста на јазикот во некои од делата. Се вели дека децата истиот не го разбираат, дека не се идентификуваат со насловите, дека книгите им се досадни. Вака некако звучи најчестата критика.
Списокот треба да се обнови и да вклучи нови наслови. Пред неколку месеци Бирото за развој на образованието го стори тоа. Но, во никој случај не треба да се дозволи исклучување на дела што можат да предизвикаат „страв и збунетост кај учениците“.
Како децата ќе научат што е добро, а што лошо ако делата што ги читаат не предизвикуваат збунетост кај нив? Збунетост која ќе може да ја разјаснат преку длабоко, јадровито и повторно читање, преку размислување и разговор со своите соученици, наставници и родители. Ако не поставуваат прашања на кои (барем тогаш) немаат одговори, значи дека учениците не учат ништо. А постои ли родител или образовен систем што може цел живот да го варди своето дете од страв?
Животот е збунувачки и застрашувачки. Ова сите порано или подоцна го осознаваме. Книжевноста, како и пошироката уметност, му помага на човека да излезе на крај со својата збунетост.
Затоа, иако предметот Етика е застапен во седмо одделение од основното образование, лектирите што учениците ги обработуваат на часовите по македонски јазик даваат повеќекратно поголемо етичко образование.
Се присетив на сопственото искуство со лектирите од основното образование, а имав среќа да имам наставничка што најголем дел од наставата посвети токму на обработка на проза и поезија.
Кога Петер од завист ќе ја уништи количката на Клара, новата пријателка на Хајди, зарем Шпири не ги доловува комплицираните односи што се дел од секое пријателство? Зарем младиот читател не гледа дека ликовите се комплексни и динамични? Дотогаш добриот лик прави нешто ужасно, но подоцна се кае и извинува.
Со возраста расте и комплексноста на делата. Растат и стравот и збунетоста. По мое сеќавање, една од лектирите што длабоко резонираше со моите соученици—а и остави трага на многу генерации—е романот „Марта“ од Горјан Петревски. Романот, меѓу другото, ги опфаќа темите: ментално здравје, токсични врски, сексуално насилство и самоубиство. Толку ќе кажам.
Така што, лектирите и тоа како треба да збунуваат и застрашуваат. Во рамките на возраста, се разбира.
Не можам а на крај да не кажам дека многу ме разочара тргнувањето на „Островот со скриеното богатство“ на Роберт Луис Стивенсон од основнообразовната лектира. И тоа во време кога академскиот интерес за Стивенсон е во подем!


