Поранешниот премиер Никола Груевски, повторно се јавни од Будимпешта за да демантира дека трите стана на Водно, што ќе се продаваат на аукција откако беа конфискувани, се негови.
Тој и сега обвинува дека бил наместен од поранешниот премиер, а негов политички ривал Зоран Заев, во соработка со структури од обвинителството.
Груевски, исто така, во објавата на Фејсбук пишува дека бил осуден и становите му ставиле на товар бидејќи бизнисменот Јордан (Орце) Камчев го сменил текот на приказната пред самиот финиш на судскиот процес за предметот „Плацовите на Водно“. Камчев, кој според Груевски, исто бил неправедно гонет во овој случај, бил повикан во обвинителството од обвинителката Лиле Стефанова што го водеше предметот.
„Таа му ја соопшти уцената дека ако не каже така како што таа бара од него (читај Зоран Заев), веќе е договорено тој да добие затвор од 12 години, а неговата мајка Ратка Камчева и главниот правник од неговата фирма, слични екстремно високи долгогодишни затворски казни. Во тој момент, Јордан Камчев, за да се спаси себе си, мајка си и еден од најблиските соработници, прифати во целост да ја промени приказната која ја говореше две години и да жртвува три стана од зградата која тој ја градел. За да не биде сам и да личи поверодостојно според сценарио предложено од обвинителката Лиле Стефанова и од Зоран Заев тој го повика за сведок и неговиот зет од сестра Мето Стојчевски и заедно ја спроведоа операцијата за која цел тој беше обвинет и уценет. Овие три стана до тој момент не беа предмет на обвинението“, пишува Груевски на социјалните мрежи.
Случајот „Плацови на Водно“ доби правосилна пресуда во март 2023 година. Груевски доби 9 години затвор откако Апелација му ја зголеми казната од првични 7 што му ги додели Основниот кривичен суд Скопје.
Камчев, пак, беше осуден на една година. Тој во текот на судскиот процес сведочеше дека за Груевски се чуваат три ексклузивни стана од 750 квадрати во замена за плацовите на Водно.
Трите стана беа конфискувани со пресудата, а Агенцијата за управување со одземен имот објави оглас за нивна продажба преку аукција на 29 јули. Станува збор за станови во зграда на улицата „Тодор Александров“ од кои секој е со површина од околу 250 квадратни метри – два од нив се по околу 200 квадрати апартман, а останатото помошни простории, како што се тераси. Едниот пак, е со внатрешна површина од 155 квадрати, додека 95 квадрати се помошни простории.
Почетната цена за закажаната аукција надминува 3.000 евра од квадрат.
Според обвинението за овој предмет, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ ги присвоил преку партиски пари. Имено, како што беше наведено во обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек купувајќи недвижен имот.


