Албанија затвора три поглавја од преговорите со ЕУ, Мицкоски вели „ние сме први во реформите“

Објавено:

Албанија и Македонија беа заедно во пакет за ЕУ, но патиштата им се разделија по првите меѓувладини конференции во 2022 г. Тирана продолжи со отворање поглавја, Скопје закони поради уставните измени. Рама порачува дека „Албанија не запира“, Мицкоски вели оти ние сме најнапредни во реформите, но нема цена по која ќе прави безусловни отстапки

Албанија ќе затвори три поглавја од преговорите за пристапување на земјава во Европската Унија (ЕУ).

Тоа ќе се случи за три дена, кога на 14 јули во Брисел ќе се одржи 9. Меѓувладина конференција на Албанија и ЕУ.

Информацијата ја потврди и албанскиот премиер Еди Рама кој во објава на социјалните мрежи наведе дека тоа се првите три поглавја што ги затвора земјата порачувајќи дека „Албанија не запира“.

„Тие рекоа дека преговорите се блокирани, рекоа дека самитот на НАТО е откажан, дека владата е соборена, кажаа сешто и нема да остават ништо некажано, бидејќи нивната работа се празни зборови, додека нашиот збор е работа“, напиша Рама кој дома се соочува со притисок од масовни протести во т.н. „Фламинго револуција“ што избувна, меѓу другото, поради обидот на власта да продаде остров на Иванка Трамп и Џеред Кушнер, ќерката и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, за да градат луксузен ресорт.

Поглавјата кој се очекува да ги затвори Албанија се „Наука и истражувања“, „Образование и култура“ и „Надворешни односи“.

Албанија беше во пакет со Северна Македонија во евроинтегративниот процес. Двете земји во јули 2022 година ги одржаа првите Меѓувладини конференции со Брисел. Но, потоа патиштата им се разделија. Албанија продолжи понатаму и во октомври 2024 го отвори првиот кластер.

Северна Македонија, пак, е закочена бидејќи има обврска да направи уставни измени со кои ќе ги внесе бугарската и други заедници во Преамбулата од Уставот.

Тоа е обврска што Скопје ја презема во компромисот што беше постигнат околу преговарачката рамка во 2022, откако претходно во 2020 Бугарија стави вето за почеток на преговорите.

Од друга страна, компромисот овозможи да се задржи чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.

Актуелната власт во Скопје, предводена од ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции од Брисел дека ќе нема нови непринципиелни условувања од Бугарија. Премиерот Христијан Мицкоски, и денеска (11 јули) порача дека земјата е најнапредна во реформите, но не е подготвен на деструктивни отстапки.

„Јас единствено чувствувам одговорност единствено пред граѓаните. А, граѓаните во овој момент ја даваат својата поддршка на политиките што ги води оваа Влада, а политиките на оваа Влада се да го испорача она што може да го испорача и тоа го покажавме, покажавме и со декемврискиот извештај, а ќе го покажеме и со јунскиот извештај – дека, во суштина, сме најнапредната држава во регионот кога станува збор за спроведување реформи. За мене, промена на Уставот и прифаќање на она што го прифати претходната Влада не е реформа. Нашиот став е јасен и прецизен. Граѓаните очекуваат лидерството на македонската Влада да го заштити македонскиот национален идентитет. Ние токму тоа и го правиме. Нема цена по која би правеле безусловни отстапки“, порача Мицкоски.

Брисел, пак, е јасен дека за да почне да ги отвора преговорите односно да продолжи понатаму во евроинтеграциите, покрај реформите, Северна Македонија треба да ги направи и уставните измени. Тоа го порача и еврокомесарката за проширување Марта Кос, која на 8 јули беше во посета на Скопје.

Земјава е кандидат за членство на ЕУ од 2005 година. Албанија, пак, со ваков статус се стекна десет години подоцна, во 2014-та.