Бизнисменот Трифун Костовски, кој е меѓу обвинетите во предметот за стечајот на „Еуростандард банка“, преку објава на мрежата „Фејсбук“ ги отфрли наводите во обвинението, оценувајќи дека не постои логика да биде обвинет за несовесно работење во институција во која, како што вели, вложил сопствен капитал и личен углед.
Костовски е обвинет во својство на поранешен претседател и член на Надзорниот одбор на банката. Во реакцијата пишува дека како еден од акционерите имал директен интерес „Еуростандард банка“ да продолжи со работа, а не да заврши во стечај. Тој посочува дека Надзорниот одбор броел пет члена и дека сите одлуки биле носени колективно, со мнозинство гласови.
„Товарот што ми се става на грб е наводна несовесност во вршењето на функцијата претседател на Надзорниот одбор на банката. Притоа, како намерно да се заборава дека јас бев и еден од акционерите на банката, човек кој имаше личен, деловен и животен интерес банката да опстои, а не да пропадне. Затоа прашувам, која логика би ме навела несовесно да управувам со институција во која сум вложил сопствен капитал, труд, углед и години од својот живот?“, пишува Костовски.
Тој ја прозва и јавната обвинителка Ленче Коларевиќ, прашувајќи дали постапува исклучиво врз основа на законот или, како што тврди, под влијание на „центри на моќ“. Воедно, ја спореди должината на истрагата за Еуростандард банка со други предмети кои, според него, биле затворени за значително пократок период.
Во објавата тој повторно ја критикува и Народната банка, оценувајќи дека одлуката за стечај на Еуростандард банка била неоправдана и дека постоеле можности институцијата да биде спасена.
„Од овој момент започнува мојата отворена битка со сите институции и поединци кои се обидуваат да ме понижат, замолчат и уништат. Ќе ги користам сите законски инструменти, сите демократски средства и сите достапни алатки за вистината да излезе на виделина. Нема да прифатам вината да ми биде напишана однапред, а доказите да се бараат отпосле“, пишува Костовски.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција претходно поднесе обвинение против четири лица во врска со стечајот на „Еуростандард банка“. Тројца се товарат за кривичното дело „предизвикување стечај на банка“, додека за Костовски е поднесен обвинителен предлог за „несовесно работење во службата“. Според обвинителството, со одобрување ризични кредити и непочитување на законските процедури била предизвикана штета поголема од 1,6 милијарди денари.
Пред околу еден месец, пак, Костовски најави дека ќе формира партија и ги повика граѓаните „кои имаат желба Македонија да опстои како држава“ да му се придружат.
Трифун Костовски е бизнисмен, беше пратеник во Собранието и градоначалник на Скопје во периодот од 2005 до 2009 година.


