Трифун Костовски, поранешен градоначалник на Скопје, најави дека ќе формира партија и ги повика граѓаните „кои имаат желба Македонија да опстои како држава“ да му се придружат.
„Ова не е само моја идеја. Ова е повик до сите што чувствуваат дека Македонија заслужува подобро, поправедно и подостоинствено утре. Време е за политички субјект, без партиски и лични интереси“, напиша Костовски на Фејсбук.
Како што објаснува, партијата би била составена од членови на возраст од полнолетство со неограничен век на старост.
„Не барам власт за себе, туку можност за освестување на државно ниво, Македонија да биде пред секоја партија! Ова никако не е повик за поделба, туку повик за обединување на сите што ја сакаат Македонија без услови и лична корист“, објави Костовски.
Понатаму, тој пишува дека Македонија е на крстопат, има исселување и корупција, а „политиката води кон исчезнување на државата“. Како причини ги наведува масовно исселување на млада популација, слаба економија, криминал, корупција, апатија.
„Моја констатација е дека во ниту една политичка партија не согледав стамени личности со искуство и знаење како да ја подигнат базичната економија во државата, на која понатаму ќе се темелат сите останати сегменти од нашето секојдневие. Нас ни треба политика која ќе создава силна економија , а не политика што создава зависни сограѓани. За денешната состојба и јас лично чувствувам вина, бидејќи сум можел во некои дамнешни времиња да влијаам за да се променат нештата во нашата држава. Да се биде политичар е највисок дострел на секој поединец кој треба да биде наоружан со знаење од економијата, културата, спортот, уметноста, музиката и уште побитно дипломатија“, напиша Костовски на Фејсбук.
Трифун Костовски е бизнисмен, беше пратеник во Собранието и градоначалник на Скопје во периодот од 2005 до 2009 година.


