Карпалак – 25 години од најцрниот ден од конфликтот во 2001

Објавено:

Пред точно 25 години, 10 резервисти на македонските безбедносни сили беа убиени, а тројца ранети за време на воениот конфликт во Македонија во 2001. Ова беше најбројниот масакар на македонски војници во конфликтот.

На 8 август 2001-та, резервистите паднаа во заседа кај Карпалак, месноста што се наоѓа на патот Скопје-Тетово. Тие се превезуваа во конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе коишто од прилепската касарна се движеше кон Тетово.

Кај месноста Карпалак беше отворен оган кон нив, а извлекувањето траеше со часови.

Во заседата беа убиени Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Веби Рушидоски.

Државниот врв и македонските политички партии и оваа година со положување цвеќе и пораки ја одбележаа годишнината.

„Дваесет и пет години подоцна, времето не ја избриша болката, ниту ја намали нашата почит. Напротив, секоја година не потсетува дека мирот, слободата и татковината имаат вредност која мора да ја чуваме одговорно и достоинствено. Карпалак е наша заедничка рана, но и наша обврска да паметиме. Да не дозволиме имињата и жртвата на загинатите да бидат заборавени. Да градиме држава во која почитта кон оние што ја исполниле својата должност кон Македонија ќе биде над времето, политиката и поделбите“, порача премиерот Христијан Мицкоски.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, порача дека делото, храброста и жртвата на припадниците на резервниот состав „никогаш нема да ги заборавиме“.

„Нивната верба во татковината е наша водилка, одлучно да продолжиме да ги чуваме националните интереси“, порача министерот.

Порака со почит и сеќавање за загинатите упати и лидерот на опозицијата Венко Филипче.

„Пред 25 години овие млади луѓе ги положија своите животи исполнувајќи ја должноста кон татковината. Нивната жртва останува дел од нашата колективна меморија и обврска. Се сеќаваме со почит. Им се поклонуваме со достоинство. Карпалак не смее да биде само датум во календарот. Карпалак е потсетник дека мирот и стабилноста се бранат со одговорност, а не со поделби. Иднината на Македонија се гради заеднички, без страв и без омраза“, наведе Филипче во пораката.

Од опозицијата се огласи и Левица, порачувајќи дека е потребна правда за овие жртви.

„Четврт век подоцна, државата сè уште нема обезбедено правда за масакрот кај Карпалак. Напротив, со години сведочиме како политичките елити го затвораат прашањето со амнестии, премолчување и политички договори. Во меѓувреме, статусот на бранителите со децении останува нерешен, а семејствата на загинатите се оставени сами да го носат товарот на една неправда која државата одбива да ја исправи“, порача Левица.

Почит за жртвите од пред 25 години оддаде и владејачката ЗНАМ.

Покрај споменатите, и останати претставници на владата, македонските политички партии во земјата и други денеска оддадоа почит на загинатите кај Карпалак.