Колумбија: Најмалку 132 лица загинаа во еден од најсилните земјотреси во историјата

Објавено:

Најмалку 132 загинати, е последниот биланс од катастрофалниот земјотрес што ја погоди Колумбија и којшто е еден од најсилните потреси во последните години.

Во земјата е прогласена вонредна состојба, а се очекува бројот на жртви да расте. Се стравува и дека има голем број заробени лица под урнатините од зградите.

Земјотресот што ја погоди Колумбија беше со јачина од 7,4 степени по Рихтер, на длабочина од 103 километри со епицентар во покраината Чоко.

Тој бил почувствуван на огромна површина на територија низ западниот дел на земјата.

Голем дел од смртните случаи се регистрирани во градот Периера, регион познат по производството на кафе. Силно беа погодени и околните градови и регионот Вале дел Каука.

Епицентарот конкретно беше во близина на селото Сан Хозе дел Палмар, во покраината Чоко, а градоначалникот на ова место, Леон Фабио Мартин Монкада изјави дека е чудесно што таму нема загинати или повредени, додека голем број патишта се оштетени. Најпогодениот град, Периера, е на околу 55 километри оддалеченост.