Конзервативните противници на Трамп размислуваат за формирање трета партија

Објавено:

Поранешните поддржувачи, а сега гласни противници на американскиот претседател Доналд Трамп од редовите на десницата, ги поставија темелите за идна политичка организација и трета партија на американската политичка сцена.

На состанокот, кој се одржал изминатиот викенд на имотот на конзервативниот политички коментатор Такер Карлсон во Мејн, присуствуваа конгресменот Томас Маси, поранешната конгресменка Марџори Тејлор Грин, ексдиректор на Националниот центар за борба против тероризмот, Џо Кент и други учесници, пишува „Политико“.

Средбата, која беше документирана и со фотографија што Грин ја на социјалните мрежи, најавува можна независна претседателска кампања насочена кон прекинување на американското учество во странски конфликти.

„Рековме дека ќе нема повеќе војни и го мислевме така, па го поддржавме Доналд Трамп затоа што го даде тоа ветување. Но, тој нè изневери сите“, напиша Грин во објавата.

Таа додаде:

„Движењето започна.“

Џо Кент, поранешен функционер за национална безбедност во администрацијата на Трамп, кој поднесе оставка претходно оваа година и присуствуваше на состанокот, порача дека групата се собрала за да смисли стратегија за заедничко спротивставување на војната со Иран.

„Сè уште има многу практични работи што треба да се направат“, рече Кент во интервју за прогресивното ток-шоу „Младите Турци“.

Тој додаде:

„Кандидирањето како трета партија е огромен предизвик. Не е невозможно, но е многу тешко. Но, дојдовме до заклучок дека сегашниот систем едноставно не функционира и дека мора да најдеме нешто ново за да ја спасиме нашата земја.“

Карлсон, Грин и Маси го поддржаа Трамп за изборите во 2024 година.

Но, сите тие се оддалечија од него за време на неговиот втор мандат, бидејќи администрацијата на Трамп продолжи да ги усогласува воените операции со Израел на Блискиот Исток.

Грин и Маси беа и гласни критичари на противењето на Трамп да се објават федералните истражни документи поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, со што дополнително предизвикаа гнев кај американскиот претседател.

Засега, не е јасно кој би можел да го предводи новото движење. Кент рече дека сите присутни на состанокот во Мејн го повикале Карлсон да се кандидира за претседател во 2028 година со нивна поддршка, но Карлсон одбил.

„Се надевам дека еден ден Такер ќе се разбуди и ќе каже дека ќе се кандидира“, рече Кент.

Карлсон и Маси не одговориле на барањата за коментар од „Политико“, додека Грин одби да даде изјава.

Предизвиците со кои се соочуваат кандидатите од трети партии и независните претседателски кандидати во САД се огромни, пишува „Политико“.

Тие мора да исполнат различни барања за потпис и рокови во секоја држава само за да се најдат на гласачкото ливче. Претходните независни кампањи не успеаја да се споредат ниту со финансиската моќ на двете главни партии.

Последната претседателска кампања од трети партии – независната кандидатура на Роберт Ф. Кенеди Џуниор во 2024 година – заврши неколку месеци пред Денот на изборите, кога Кенеди го поддржа Трамп.

Во времето додека водеше кампања, неговите бројки во анкетите беа едноцифрени, додека се соочуваше со тужби кои бараа да го дисквалификуваат од кандидирање во неколку држави.