Косовскиот премиер Албин Курти денеска (26 август) ќе биде во официјална посета на Скопје.
Централните настани на кои тој ќе присуствува ќе бидат отпочнување со изградба на автопатот Скопје-Блаце, како и настанот по повод роденденот на Мајка Тереза што ќе се одржи во Музејот на современа уметност под покровителство на првиот вицепремиер Беким Сали.
Посетата ја најавија и од МВР објавувајќи сервисна информација за граѓаните дека во Скопје ќе има посебен сообраќаен режим апелирајќи учесниците во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници.
Мајка Тереза, родена како Гонџа Бојаџиу во Скопје, во 1910 година, е симбол на милосрдието, хуманоста и солидарноста, и нејзината посветеност да им помага на луѓето без разлика на нивната национална, етничка или религиска припадност.
Најголемиот дел од својот живот го посвети помагајќи им на сиромашните во Калкута, Индија.
Мајка Тереза почина во 1999 година на 87-годишна возраст. Беше прогласена за блажена во 2003 година од Папата Јован Павле, а во 2016 беше прогласена за светица од Папата Франциск.
Во нејзина чест, во Скопје денеска ќе бидат отворени и три изложби посветени на нејзините живот и дело: „Мирот започнува со насмевка“, „Наследството на Мајка Тереза“ и „Апостолот на мирот и љубовта преку зборовите на познатите“. Тие ќе бидат во Спомен куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје.
Исто така, денеска во Скопје ќе започне манифестацијата „Денови на Света Мајка Тереза“, која ќе се одржува до 5 септември по повод 10-годишнината од канонизацијата на светицата родена во македонската престолнина.
Манифестацијата ја организираат Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов и Заедницата на Хрватите во Република Македонија, Огранок Скопје, а програмата опфаќа духовни, културни и хуманитарни настани посветени на животот и делото на Мајка Тереза.


