Еден македонски и еден косовски државјанин вчера (14 август) биле фатени со 324 килограми марихуана во Солун, соопшти македонското Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Апсењето е резултат на меѓународна соработка меѓу обвинителствата во Македонија, Косово и Грција.
„При контрола на товарно моторно возило, во приколка биле пронајдени и запленети 324 килограми наркотична дрога марихуана, скриени во осум палети со хартија“, соопшти ОЈО ГОКК.
По наредба на обвинител, биле направени и претреси на повеќе локации низ Македонија за да се открие евентуално инволвираност на други лица, но и да се обезбедат дополнителни докази.
Засега нема информации дали се приведени и други лица, како и за други детали од претресите во земјава.



