Малолетна ќерка се обидела да се самоубие зашто таткото ги малтретирал

Објавено:

Малолетна девојка на 15-годишна возраст од Скопко се обидела да си го одзеде животот бидејќи не можела да ги издржи заканите, навредите и притисокот од таткото.

Таткото е на возраст од 56 години и против него Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје отвори истрага за загрозување на сигурноста.

„Осомничениот подолг временски период психички и физички ја малтретирал сопругата и нивните две деца на возраст од 18 и 15 години. Иако постојано манифестирал агресивно однесување, домашните од страв не го пријавувале“, велат од ОЈО Скопје.

Скопските обвинители отворија уште еден случај за семејно насилство, соопштија оттаму. Осомничен е 33-годишен маж кој ја повредил неговата сопруга.

Вчера, 20 јуни, тој во возило ја влечел и се заканувал на жената, а во еден момент сакал да ја удри и со стаклено шише.

„Оштетената во возење ја отворила вратата и скокнала од возилото, а осомничениот застанал и се обидел на сила пак да ја внесе внатре. На жената и нанел телесна повреда“, велат од ОЈО Скопје.

Во двата случаи јавниот обвинител барал од судот за двајцата осомничени насилници да се определат повеќе мерки: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат во суд, привремено одземање на пасошите и забрана за приближување и контактирање со жртвите и забрана за посетување на локациите каде тие се движат.