Нашата статегија е да ги завршиме реформите дома бидејќи тие ни требаат нам. Втора работа која исто така сме спремни да ја испорачаме е Акцискиот план за малцинства, што го работевме заедно со Брисел и експерти препорачани од ЕК – изјави денеска (26 мај) премиерот, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес конференција со неговиот хрватски колега, Андреј Пленковиќ.
Прашан, дали Македонија може да го продолжи европскиот пат без уставните измени кои ги бара Бугарија, тој рече дека „нема повеќе можности за идентитетски отстапки и за нашите национални одредници“.
„Сѐ додека билатералните спорови и т.н. булинг кон нас од една земја – членка на ЕУ се наша препрека, ова што одамна го заслуживме ќе се оддалечува, но ние не губиме надеж и енергија, туку напротив ќе продолжиме силно да работиме. Ако навистина билатералните прашања се тие коишто треба да го судат нашиот европски пат тогаш ние ќе се бориме на друг начин“, додаде Мицкоски.
Ако навистина билатералните прашања се тие коишто треба да го судат нашиот европски пат тогаш ние ќе се бориме на друг начин – рече премиерот.
Тој потсети дека Македонија го почна европскиот пат пред 26 години со потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација. Премиерот додаде дека статусот на земја кандидат, Македонија го добила заедно со Хрватска, но како што рече, „нашиот пат тука отиде во друга насока“.
„Нашето интегрирање во рамките на ЕУ се претвори во билатерализација на тој процес. Позначајни беа билатералните прашања, отколку објективните копенхагешки критериуми и мерит базираното приклучување кон самата ЕУ, што кај нас како македонски граѓани создаде многу фрустрации бидејќи цениме дека многу одамна го заслуживме нашето место во рамките на тоа семејство“ рече Мицкоски.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека овие прашања за менување на Уставот и барањата на Бугарија се многу важни и потези со далекусежно влијание.
„Во последните 25 години за неправдата врз Македонија нема никакво оправдување, за патот на земјата. И тоа како го ценам ентузијазмот за членство во ЕУ и покрај сите обиди и блокади кои се неблагодарни“, рече Пленковиќ.
Македонската и хрватската влада денеска потпишаа Договор за стратешка соработка, а премиерите на двете држави најавија дека ќе работат на развој на конкретни иницијативи и проекти во транспортот, енергетиката, информатичките технологии, индустријата, производството, здравството, образованието, јавната безбедност, цивилната заштита, одбраната, сајбер безбедноста и управувањето со границите.
Договорот отвора простор за подлабока поврзаност меѓу институциите, компаниите, инвеститорите, академската заедница, граѓанскиот сектор и експертските заедници на двете земји.


