Мицкоски за Вучиќ и МПЦ: Не навлегувам во комуникација што прилега на минатиот век

Објавено:

Премиерот Христијан Мицкоски не сакаше да ја коментира изјавата на српскиот претседател Вучиќ дека српската црква е иста во Скопје и во низа други градови низ светот. Таква комуникација, рече Мицкоски, прилега на нешто од минатиот век.

„За мене лично МПЦ-ОА Јустинијана Прима е нешто кое е најсветол дел од македонскиот православен идентитет. Се разбира, ние имаме и Македонци кои се од друга вероисповед, но како столб на македонскиот идентитет МПЦ е нешто над се, за мене како човек. Таков тип на изјава ниту имам намера да коментирам ниту би сакал да навлегувам во каква било дневна комуникација со изблици на нешто кое повеќе прилега на минатиот век, а не на 21 век“, изјави Мицкоски на 15 август одговарајќи на новинарски прашања.

Вучиќ неодамна во говор во Мркоњиќ Град рече дека српската црква е иста и во Скопје.

„Српската црква е една и иста. Таа е иста и во „во Мркоњиќ-град, Пирот, Сиднеј, Скопје, Франкфурт, Мелбурн и на секое друго место во светот“, рече српскиот претседател.

Реакција имаше и Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) порачувајќи дека таа е онаа што ја „остварува својата духовна и пастирска мисија кон сите православни христијани на својата канонска територија, без каква било условеност од нивната национална, политичка, културна или етничка припадност“.

„Длабоко свесна за својата историска улога и за одговорноста во духовниот живот на македонскиот народ, а водена од евангелските начела и богатото православно предание, таа останува Црква отворена за сите, обединувајќи ги своите верни во единството на верата и во евхаристиското заедништво, надминувајќи ги сите минливи политички, идеолошки и општествени поделби“, наведе МПЦ-ОА во реакцијата.

Македонската црква беше во раскол со српската повеќе од половина век. Но, во 2022 година, МПЦ се врати во канонско единство со останатиот православен свет и доби Томос за автокефалност од Српската православна црква. Со тоа заврши црковниот раскол почнат уште во 1967 година, кога МПЦ еднострано прогласи автокефалност од Српската православна црква.

Македонската црква сега очекува Томос од Вселенската патријаршија за автокефалност.