Најмалку 19.000 евакуирани поради најголемиот пожар во историјата на Мадрид

Објавено:

Најмалку 19.000 лица се евакуирани во регионот на Мадрид, Шпанија, каде беснее најголемиот шумски пожар во историјата на оваа шпанска автономна област, кој досега уништи околу 6.000 хектари, соопшти претседателката на регионалната Влада, Исабел Дијас Ајусо.

  • „Ова е катастрофа за регион со толку голема густина на население и станбени објекти. Никогаш не сме виделе нешто слично. Во овој момент наш приоритет е спасувањето човечки животи“, рече Ајусо на прес-конференција во координативниот центар за итни интервенции.

Во меѓувреме, големиот пожар во провинцијата Гвадалахара, кој зафати повеќе од 32.000 хектари и беше активен повеќе од една недела, значително ослабна, поради што армијата се повлече од теренот, иако пожарот официјално сè уште не е изгаснат ниту целосно ставен под контрола. Повеќе од 200 пожарникари, дваесетина противпожарни возила и два авиона остануваат ангажирани на теренот.

Шпанските служби за итни случаи соопштија дека два од трите пожари западно од Мадрид се споиле во едно големо жариште, во областа меѓу Сан Мартин де Валдеиглесијас и Виља дел Прадо.

Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека Шпанија и соседните земји се соочуваат со „драматична ситуација“, бидејќи разорни пожари беснеат истовремено на околу 50 километри од Мадрид, во екот на летниот топлотен бран.

„Пожарите пустошат илјадници хектари и погодуваат бројни градови и села“, напиша Санчез на платформата Икс, повторно апелирајќи граѓаните строго да ги следат препораките на властите и на службaта за итна помош.

Поради пожарите, Шпанија прогласи вонредна состојба во подрачјето околу Мадрид и во провинцијата Авила, каде што се евакуирани уште 1.500 жители. Шпанската телевизија РТВЕ јави дека ова е првпат во регионот да биде прогласена ваква мерка поради шумски пожари.

Европската комисија денеска соопшти дека Европската Унија испрати уште четири противпожарни авиони во Шпанија, покрај трите што вчера беа испратени во Франција.

  • Во Франција, шумскиот пожар што од вчера му се заканува на туристичкото место Бискарос во департманот Ланд до денеска напладне уништи 2.600 хектари и оштети или целосно уништи 105 куќи и други објекти.
  • Поради приближувањето на огнот беа евакуирани 18.000 жители на Бискарос и уште 5.000 туристи од камп во близина на Парантис.
  • Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека во земјата во моментов се активни 32 шумски пожари.
  • „Од почетокот на годината досега се уништени повеќе од 50.000 хектари. Тоа е трипати повеќе отколку во истиот период минатата година“, рече Нуњез.

Тој додаде дека пожарот на полуостровот Кап Фере, една од најпознатите туристички дестинации во Франција, досега зафатил повеќе од 10.000 хектари и го претставува најголемиот пожар оваа сезона.

Во тек е евакуација на околу 40.000 лица од тој регион, а досега се уништени 80 куќи.