На сите универзитети соодветно се намалени квотите за упис на студенти во прва година, бидејќи пазарот на труд е заситен со одредени струки и има невработени, за разлика од други струки каде што вработливоста е многу висока, па некаде се јавува и недостиг, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во интервју за МИА.
Според неа, оваа година на сите универзитети има намалување за околу 2,000 места, но уверена е, како што вели, дека сите студенти ќе си го најдат своето место таму каде што сакаат да студираат.
„Повеќе намаливме во струките бизнис-администрација, јавна администрација, нешто на Економски, на Правен, бидејќи таму се појавува поголем број на невработени, во медицинските струки. За разлика од тоа, останаа речиси идентични техничките струки, информатиката, машинството, градежништвото, таму е вработливоста на одлично ниво и достигнува некаде до 98-99 проценти“, изјави Јаневска.
Министерката Јаневска очекува дека на крајот на месецов да продолжи дискусијата за трите закони за високо образование и наука, кои во Собранието се блокирани од албанскиот опозициски блок, кој инсистира на Бадентеров принцип при нивното носење.
„Сметам дека ќе надвладее разумот и дека Собранието ќе собере сили да ги надмине политичките прашања, односно да не бидат овие три закони прашања со кои ќе се решава некое друго прашање. Особено затоа што ние, навистина, малку доцниме и немаме време да вметнуваме и да се расправаме политички за нешто што е толку многу значајно. Јас сум длабоко убедена дека ќе надвладее разумот затоа што тоа е во корист на сите млади од земјава“, истакнува Јаневска.
Првите два темелно реконструирани студентски дома – „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ од оваа академска година ќе почнат да примаат студенти. Сместувањето во „Стив“ ќе биде од 1 октомври и тој е влезен во конкурсот, а „Кузман“ ќе ги отвори вратите подоцна, веројатно од 1 ноември, и конкурсот ќе биде дополнително објавен.



