Нов рок на американската „црна листа“ за Западен Балкан: Македонски список

Објавено:

На американската „црна листа“ до почетокот на јуни 2026 се санкционирани 131 поединец и ентитет од шест држави на Западен Балкан. Најмногу санкции се однесуваат на Србија (49), потоа на Косово (29), Босна и Херцеговина (26), Северна Македонија (12), Албанија (8) и Црна Гора (7).

Соединетите Американски Држави објавија продолжување за една година на националната вонредна состојба во врска со Западен Балкан, по 26 јуни 2026 година, поради постојаните закани за мирот, меѓународните напори за стабилизација и напредокот кон демократско управување, пренесе Ројтерс.

Одлуките за санкции ги донесува Канцеларијата за контрола на странски имот, OFAC (Office of Foreign Assets Control), која функционира при американското Министерство за финансии.

Како се „стасува“ на црната листа?

Станува збор за список на поединци и бизниси кои САД ги санкционираат, во случајот со Западен Балкан, пред сè поради сомневање за поврзаност со организиран криминал, корупција или регионална дестабилизација. Покрај тоа, меѓу санкционираните на Балканот има и оние кои се поврзуваат со терористички активности или со малигно влијание на Русија.

Одлуката за важноста на правниот механизам кој им овозможува на САД воведување санкции кон државите од Западен Балкан, официјално на 22 јуни 2026 е продолжена за уште една година.

Кога станува збор за шесте балкански држави, на листата се наоѓаат 71 ентитет и 60 поединци, при што санкционираните ентитети (правни лица) најчесто се поврзани со санкционираните поединци.

Правни лица од Северна Македонија на листата на САД

Според официјалната објава, пренесена од Балканскиот сервис на Радио Слободна Европа, во Северна Македонија на црната листа се наоѓаат шест правни лица (имињата ги пренесуваме во оригинал како што ентитетите се наведени во американските официјални акти):

SISTINA LIFE CARE CENTER SKOPJE DOOEL
Локација: Скопје
Програма: BALKANS-EO14033
Активност: Компанија регистрирана за здравствена и социјална заштита и грижа за стари и немоќни лица во станбени објекти (геријатриски услуги и нега). Според наоди на судските органи во Северна Македонија и истрагите на американското Министерство за финансии, вистинската улога на компанијата била финансиско посредување, трансфер и перење пари за блокирани поединци поврзани со корупција на Западен Балкан.
Санкции: поради поврзаност со бизнисменот Јордан Камчев.
Датум: 16 ноември 2023.

BET CITY INTERNATIONAL D.O.O. SKOPJE
Локација: Скопје
Програма: BALKANS-EO14033
Активност: Спортска обложувалница. Поврзана со бизнисмените Сергеј Самсоненко (со двојно државјанство – Северна Македонија и Русија) и Јордан Камчев. Двајцата претходно санкционирани од OFAC.
Датум: 16 ноември 2023.

ORKA HOLDING AD
Локација: Скопје
Програма: BALKANS-EO14033
Активност: Голем бизнис конгломерат кој управува со широк портфолио компании и инвестира во различни сектори. Основан 1990 во текстилната индустрија, подоцна трансформиран во холдинг со консултантски, правни и финансиски услуги.
Санкциониран како конгломерат поврзан со Јордан Камчев.
Датум: 16 ноември 2023.

CYTROX AD
Локација: Скопје
Програма: CYBER2
Активност: Технолошка компанија, глобално позната како развивач на шпионскиот софтвер Predator. Дел од Intellexa Consortium, основан од поранешен израелски воен офицер Тал Дилијан.
Санкции: се однесуваат и на Cytrox Holdings ZRT (Унгарија) и други членки на консорциумот.
Датум: 5 март 2024.

KAMCHEV CONSULTING SKOPJE DOOEL
Локација: Скопје
Програма: BALKANS-EO14033
Активност: Консултантска компанија.
Санкционирана поради поврзаност со мрежата на Јордан Камчев.
Датум: 16 ноември 2023.

ORKA FINANCE SKOPJE DOOEL
Локација: Скопје
Програма: BALKANS-EO14033
Активност: Регистрирана како консултантска и деловна компанија.
OFAC ја означува како ентитет поврзан со коруптивни мрежи на Западен Балкан, поврзана со Ратко Куноски Камчев и Orka групата, која пак е поврзана со Јордан Камчев.
Датум: 16 ноември 2023.