„Сите нека знаат“ – е мотото под кое симболично денеска (20 јуни) во Скопје се одржа Парадата на гордоста (Скопје Прајд) со кои учесниците сакаа да укажат на отсуството на ЛГБТИК+ лицата од пошироките политики и јавниот живот.
„ЛГБТИК+ луѓето се жртвени јагниња користени за дефокусирање од вистинските проблеми кои властите одбиваат да ги решат”, порачаа во своите говори организаторите.
Тие ги прозваа и властите.
„Кога премиерот на државата вели дека многу десното семејство е највисокиот патриотски чин, јасно именува непријател, а тоа сме ние”, рече една од активистите.

Државата, според нив, ги остава без заштита, без шалтер центри и така ги турка назад затворени меѓу четири ѕида.
Како што велат организаторите, овие лица се спротивставуваат на тишината што им се сервира како услов за безбедност и лажно прифаќање и на тоа што не се препознава потребата да се унапредат правата на припадниците на оваа заедница.
Затоа сите нека знаат, нагласуваат, дека сме тука и одбиваме да го интернализираме наметнатиот страв и срам затворајќи се во четири ѕида.
„’Сите нека знаат‘ е реакција против вековното, системско бришење и истиснување на ЛГБТИК+ животите од колективната историја, меморија, култура и јавен простор. На обидите нашето постоење да се релативизира, патологизира или претстави како нешто измислено и ’увезено‘ – гласно им велиме: тука сме, насекаде околу вас“, велат организаторите на „Скопје Прајд“.
Парадата на гордоста започна од фонтаната Лотосов цвет во Градскиот парк, каде активисти одржаа и говори, а оттаму продолжи со марш којшто заврши во Жена парк пред Собранието. По целата маршута беа распоредени полициски службеници со цел да се гарантира безбедноста на учесниците во маршот.

Од оваа заедница порачаа дека се дел од нашето потесно и пошироко семејство и од нашиот круг на пријатели, колеги, клиенти, соработници, соседи и познаници.
„Додека некои од нас ја имаат таа среќа или несреќа да живеат отворено и јавно, многу почесто живееме премолчено и тајно со стравот од она што може да се случи ако ’сите нè дознаат‘ – дома, на училиште, на работа, на улица. Слоганот ја носи и тежината на видливоста која, од една страна, може да изгледа како привилегија што не секому е достапна, а истовремено за многу ЛГБТИК+ луѓе истата е товар што поскоро би го избегнале да не ги ’издаваа‘ телата, гласовите, движењата и изгледот“, додаваат од „Скопје Прајд“.
Според организаторите, Парадата на гордоста е ден на солидарност, меѓусебна почит и грижа.
Првата Парада во Скопје се организираше во 2019 година. Оттогаш, овој настан се одржува традиционално секоја година со исклучок на 2020 година поради ковид-пандемијата.
Годинешниот Скопје Прајд е финансиски поддржан со донации од ЛГБТИК+ заедницата и поддржувачи.


