Повредени двајца пожарникари при локализирање на пожарот на Пелистер

Објавено:

Пожарот што избувна во атарот на ресенското село Макази и зафати делови од Националниот парк Пелистер е ставен под контрола по повеќечасовна координативна интервенција. Ноќеска при гаснење на огнот повредени се две лица припадници на единиците кои учестуваа во акцијата на Пелистер. Според директорот на НП Пелистер, Иванчо Тошевски, здравствената состојба на повредените е стабилна.

Пожарот избувнал во попладневните часови на 29 август 2026 година, во непосредна близина на овоштарници со јаболка во атарот на ресенското село Макази, по што брзо се рашири кон Претор и Националниот парк Пелистер.

Истовременото појавување на огнот на повеќе локации создаде долга огнена линија која брзо се движеше во правец на Претор и планинскиот масив. И покрај првичните напори на локалните служби, огнот ја премина границата и навлезе во територијата на Националниот парк Пелистер, зафаќајќи го просторот меѓу подножјето на врвот Вртушка и Мала Чука. Во текот на ноќта и следниот ден, односно на 30 август 2026 година, интервенцијата на терен овозможи целосно локализирање на огнената стихија, но дежурните екипи останаа мобилизирани поради опасноста од силниот ветер.

Во неговото гаснење интервенираа екипи на НП „Пелистер“, противпожарните единици на Битола и Ресен, со поддршка на огнениот тим на Дирекција за заштита и спасување, потоа екипи со луѓе и механизација на јавните претпријатија од Битола и приватни фирми, организирани од градоначалникот на Битола Тони Коњановски, а имаше и воздушна интервенција со двата ер трактори.

„Опасноста за негово понатамошно активирање и ширење и понатаму е голема и во голема мера зависи од временските услови“, изјави директорот на Националниот парк „Пелистер“ Иванчо Тошевски.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, јавно изнесе сомнежи дека пожарот е намерно предизвикан, врз основа на забележувањето на неколку одвоени огнени линии кои се појавиле истовремено на различни локации во ресенскиот регион.

„Додека пожарникарите се обидувале да го стават огнот под контрола, подалеку од нив се појавил нов оган и тоа во подолга огнена линија што укажува на тоа дека овој пожар е наметно подметнат,“ изјави Ангелов.

И покрај тоа што главните огнени жаришта се ставени под контрола, ризиците од повторно разгорување остануваат високи. Променливите временски услови, особено силниот ветер кој дува во планинските реони, можат лесно да ги активираат преостанатите жаришта во шумскиот појас со борови насади. Надлежните институции најавија дека дежурните екипи ќе останат на терен се до целосното гаснење на последната линија на огнот.