Пожарот во прилепскиот дел на Мариово, кој синоќа зафати и неколку куќи во селото Чаниште, денеска повторно се активирал, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување(ДЗС), Стојанче Ангелов.
Според него, огнената линија сега се протега на околу 20 километри, од течението на Црна Река до врвот Маргаро.
На терен се прилепските пожарникари, тимови на ДЗС составени од доброволци од Битола, а помагаат и доброволци од Кочани и Виница. Главна задача во текот на ноќта, како што посочи Ангелов, е заштитата на селото Крушевица, кое се наоѓа на неколку километри од местото на пожарот.
„Ќе имаме тешка ноќ, треба да го одбраниме селото Крушевица“, рече Ангелов.
Тој информираше и дека денеска „се водела тешка битка“ со огнот на територијата на Старо Нагоричане, а за изгорените објекти во селото Чаниште кажа дека се работело за напуштени куќи.
Вечерва бил одржан координативен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Прилеп, на кој беше разгледана актуелната состојба со пожарот во селото Чаниште и поширокиот Мариовски регион, како и ризиците од негово понатамошно ширење.
Како што информираше градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, на состанокот присуствувале претставници од сите надлежни институции, служби и субјекти кои можат да се вклучат во справувањето со пожарот со човечки ресурси, опрема и механизација.
Според Проданоски, во моментов се координираат сите расположливи сили и се преземаат мерки за локализирање на пожарот, заштита на населените места и спречување на негово натамошно ширење.


