Пожар што избувнал ноќеска на отворен простор над скопско Зелениково се приближил до куќите во населеното место, по што во гаснењето се вклучиле пожарникари, доброволното противпожарно друштво и општинските служби, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.
Пожарот избувнал околу 2 часот по полноќ, веднаш зад последните куќи во Зелениково. Огнот се движел кон куќите на ридот над населеното место, а таа информација Ангелов ја добил по повик од жителка која пријавила дека пожарот се приближува кон нејзината куќа.
„Бидејки во тој момент се наоѓав на патот кој води низ ловиштето Јасен, враќајки се од Македонски Брод каде што ги имавме завршните договори за денешното гасење на пожарот кој е активен на висок, тешко пристапен и карпест терен, веднаш дадов задача на возачот да продолжи кон Зелениково“, вели Ангелов.
По пријавата била известена скопската противпожарна бригада, која испратила возило од станицата во Драчево.
Во интервенцијата се вклучил и градоначалникот на Општина Зелениково, Коста Маневски, кој со општинското противпожарно возило пристигнал во близина на куќите. На терен дошле и членови на доброволното противпожарно друштво од Зелениково.
„Олеснителна околност била претходната реакција на самите жители од последните куќи, кои направиле делумна заштита на неколку места прскајки со вода и сечејки критични грмушки и дрвја. Сите заедно успеале да ја сопрат огнената стихија пред да стигне до првите куќи“, додава Ангелов.
Според Ангелов, заедничката интервенција на жителите, пожарникарите и доброволците успеала да го запре огнот пред да стигне до куќите. ДЗС воедно им се заблагодари на доброволните пожарникари од Зелениково, со кои е договорено нивно вклучување во тимовите за брз одговор на Дирекцијата. Ангелов повторно упати апел за внимавање до граѓаните, повторувајќи ја неговата порака, дека доволна е само искра за вистинска катастрофа.



