Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави (САД) усвои резолуција за воени овластувања насочена кон ограничување на воената кампања на претседателот Доналд Трамп против Иран, предизвикувајќи двопартиски критики кон администрацијата дури и кога државниот секретар Марко Рубио инсистираше дека американските операции против Техеран се завршени.
Гласањето на 3 јуни заврши со 215 наспроти 208 во корист на мерката, при што четворица републиканци им се придружија на демократите во гласовите.
Резолуцијата, поднесена од претставникот Грегори Микс од Њујорк, му наложува на Трамп да ги повлече американските вооружени сили од непријателствата со Иран, освен ако Конгресот формално не прогласи војна или не одобри употреба на воена сила.
Мерката следно треба да оди во Сенатот, каде што пратениците разгледуваат посебна резолуција за воени овластувања.
Дури и ако резолуцијата биде одобрена од двата дома, се очекува Трамп да ги оспори напорите за ограничување на неговата моќ, а самата мерка на Претставничкиот дом во голема мера се смета за симболична бидејќи нема правна сила.
Сенатот сè уште не закажал конечно гласање за мерката за воени овластувања.
Доколку мерката биде усвоена и во Сенатот, Трамп најверојатно ќе стави вето за да го спречи нејзиното стапување во сила. За надминување на претседателското вето е потребно двотретинско мнозинство во двата дома на Конгресот, што во моменталниот политички распоред се смета за малку веројатно, јави Ројтерс.
Според американскиот Устав, единствено Конгресот има овластување да објави војна. Демократите тврдат дека со оваа резолуција се настојува да се зајакне улогата на законодавната власт во одлучувањето за воени интервенции.
Иако американскиот закон му овозможува на претседателот да започне воени операции во случај на непосредна закана, тој е обврзан да побара одобрение од Конгресот во рок од 60 дена. Администрацијата на Трамп тврди дека тој рок не бил прекршен бидејќи конфликтот, започнат на 28 февруари со воздушни напади врз Иран, фактички завршија по воспоставувањето примирје.
Демократите, пак, го оспоруваат тоа толкување, наведувајќи дека американските сили и натаму се ангажирани во регионот, вклучително и во спроведувањето на блокадата на иранските пристаништа.
Американскиот Сенат во мај усвои резолуција за ограничување на воените овластувања на Трамп, со која би се ограничила можноста САД да продолжат со воени дејствија против Иран без претходно одобрение од Конгресот.
Таа беше изгласана со 50 гласа „за“ и 47 „против“, а поддршка доби и од четворица републикански сенатори кои гласаа заедно со демократите.
Од почетокот на конфликтот, иранската влада го затвори Ормутскиот теснец, предизвикувајќи загриженост за енергетската безбедност и поморскиот транспорт во регионот.


