Тринаесет лица се приведени денеска во рамки на операцијата „Филтер“ за разбивање на организиран систем за шверц на цигари и избегнување плаќање царински давачки. Во тек се претреси на повеќе од 20 локации во Гевгелија, Валандово, Струмица, Дојран, Велес и Скопје.
Во акцијата се опфатени шпедитерски, транспортни и увозни компании, физички лица, но и полициски и царински службеници.
Според досегашните сознанија, откриени се повеќе случаи на организиран шверц на големи количини цигари, при што биле избегнати царински и други давачки во износ од неколку милиони евра.
Од МВР за МИА потврдуваат дека акцијата се спроведува под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
Додаваат дека акцијата е резултат на криминалистичка истрага поради основано сомнение за сторени повеќе кривични дела, меѓу кои „Криумчарење“ и „Царинска измама“, со кои, според досегашните наоди, е предизвикана штета на државниот буџет од големи размери.
По завршувањето на активностите на терен, од МВР и Царинската управа најавуваат дополнителни информации за операцијата.


